Во саботата вечерта, на 1 ноември, Египет свечено го отвори Големиот египетски музеј (GEM) во Гиза, со спектакуларна церемонија што го осветли небото над пирамидите. Настанот беше проследен со огномети, ласерски светла и музички настапи, а на сцената настапија национални и меѓународни уметници. Публиката уживаше во традиционалната египетска кореографија во изведба на фолклорен балет со костими инспирирани од античката епоха.
На отворањето присуствуваа 79 странски делегации, меѓу кои 39 предводени од кралеви, принцови, претседатели и премиери од различни земји. Присутни беа и бројни културни и јавни личности, како и претставници на меѓународни организации. Церемонијата беше проследена во живо на големи видео-екрани поставени на јавни простори во Каиро и во други градови низ Египет, со што прославата доби национален карактер.
Претседателот Абдел Фатах ел-Сиси, кој заедно со својата сопруга Ентесар ел-Сиси ги пречека гостите, во своето обраќање ја нагласи историската и симболичната вредност на овој проект.
– Тука, каде што цивилизацијата ги направи своите први чекори и светот беше сведок на раѓањето на уметноста, мислата и верата… Древниот Египет ги инспирирал сите народи на Земјата, а од бреговите на Нил светлата на мудроста светкале за да го осветлат патот на цивилизацијата и човечкиот напредок, потврдувајќи дека спомениците на цивилизацијата се градат во време на мир и се шират преку духот на соработка меѓу народите. Денес, додека го славиме отворањето на Големиот египетски музеј, пишуваме ново поглавје во сегашната и идната историја. Овој музеј е најголемиот музеј во светот посветен на една цивилизација – цивилизацијата на Египет, чија брилијантност никогаш нема да избледи – рече ел-Сиси.
Церемонијата беше кулминација на речиси две децении работа и вложување, а египетските власти ја претставија како еден од најважните културни настани во поновата историја на земјата.
Големиот египетски музеј (ГЕМ) е изграден на само два километри од пирамидите во Гиза, во подножјето на пустинското плато, што овозможува визуелна врска меѓу античкиот и современиот Египет. Проектот започнал уште во 2005 година, а неговата замисла се родила во 1990-тите години, кога Египет реши да создаде најголем музеј во светот посветен на една цивилизација.
Првично проценетата вредност на изградбата изнесувала околу 500 милиони долари, но поради низа одложувања, дополнителни фази и проширувања, конечната сума надмина една милијарда долари. Комплексот опфаќа површина од околу половина милион квадратни метри, вклучувајќи ги изложбените сали, лабораториите за конзервација, центарот за дигитална археологија и јавните простори за едукативни активности.
Архитектонското решение е дело на ирската фирма Heneghan Peng Architects. Фасадата, изградена од полупроѕирен камен со триаголни мотиви, е инспирирана од пирамидите и создава ефект на визуелно продолжение на нивната линија. Внатрешноста е конципирана така што посетителите, движeјќи се низ музејот, симболично патуваат низ времето — од античката ера кон современоста.
Во Големиот египетски музеј се изложени над 50.000 артефакти, меѓу кои и целосната колекција на Тутанкамон — повеќе од 5.000 предмети што за првпат се прикажуваат во целост. Меѓу највпечатливите експонати се и колосалната статуа на фараонот Рамзес II, што ги пречекува посетителите во влезниот атриум, како и древениот брод Хуфу, која бил ископан во близина на Големата пирамида.
Музејот не е само изложбен простор, туку и научен центар — тука се наоѓаат лаборатории за реставрација и модерни технологии за дигитализација и конзервација на културното наследство. Во него се одржуваат и образовни програми, меѓународни конференции и изложби што го претставуваат Египет како глобален центар на археологијата и историјата.




























