Едно лице е убиено, а шест се ранети во оружен напад за време на прослава на отворено на Универзитетот Линколн во Пенсилванија.
Лицето кое пукало и го поседувало оружјето е приведено, а властите ја истражуваат можноста дека имало повеќе од еден напаѓач, но не веруваат дека постои активна закана за кампусот, изјави обвинителот на округот Честер, Кристофер де Барена-Саробе.
– Немаме многу одговори за тоа што точно се случило. Она што можам да го кажам е дека продлжуваме да работиме како да не станува збор за инцидент каде некој влегол со намера да предизвика широка штета на универзитетскиот кампус – рече Барена-Саробе.
Властите велат дека пукањето се случило пред голема зграда наречена Меѓународен културен центар, каде што биле поставени шатори и маси за пикник и дружење по фудбалскиот натпревар претходно во текот на денот.
– Беше хаотична сцена и луѓето трчаа во различни насоки – рече окружниот обвинител.
Тој ги повика сите што имаат видео од местото на настанот или други информации кои би можеле да помогнат во истрагата да го контактираат ФБИ.
Властите не објавија никакви други детали за жртвите, вклучително и нивната состојба или каде се лекуваат повредените.
Кампусот е на околу 45 милји југозападно од Филаделфија. Детективите од округот Честер ја водат истрагата со поддршка од државната полиција и ФБИ.



























