Русија синоќа одби напади со 337 украински беспилотни летала, а московскиот регион, каде што едно лице загина, беше една од целите на најголемиот напад на нејзина територија од почетокот на руската офанзива против Украина во февруари 2022 година.
Нападот се случи неколку часа пред почетокот на преговорите во Саудиска Арабија меѓу украинските и американските претставници за барање решение за конфликтите во Украина, во време кога администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се залага за нивно што поскоро завршување.
„Во текот на изминатата ноќ системи за противвоздушна одбрана пресретнаа и уништија 337 украински беспилотни летала, од кои 91 во Московската област“ и 126 во областа Курск, која граничи со Украина, соопшти руското Министерство за одбрана.
Цел на нападот биле и регионите Брјанск и Белгород, кои граничат со Русија, како и Рјазан, Калуга, Воронеж и Нижни Новгород.
„Најголемиот напад на непријателски беспилотни летала врз Москва е одбиен“, изјави градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин преку Телеграма и прецизираше дека беспилотните летала ги погодиле селото Сапроново и градот Рамескоје, во пошироките предградија на Москва.
Тој рече дека спасувачките екипи се на местото на нападот каде паднале урнатините.
Гувернерот на Московската област Андреј Воробјов објави дека едно лице загинало, а три се ранети во нападот, на две места лоцирани во пошироките предградија на главниот град на Русија.
Починатиот бил вработен во дистрибутивниот центар на агроиндустриската компанија Мираторг, чии неколку објекти биле оштетени во нападот, се вели во соопштението на компанијата на нејзиниот портал.
Новинарите на агенцијата Франс прес јавуваат дека во една од станбените згради погодена од урнатините од дронови во московскиот регион, скршени се прозорците, а балконот делумно се урнал.
Нападот се случи неколку часа по посетата на Москва на генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Хади Синирлиоглу, кој денеска треба да разговара со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Меѓународниот аеродром Внуково го запре сообраќајот, додека три други аеродроми кои ја опслужуваат Москва – Домодедово, Жуковски и Шереметјево – воведоа привремени ограничувања, објави Росавијација, руската федерална агенција за воздухопловство.
Иако Украина и Русија секојдневно испраќаат десетици беспилотни летала, главниот град на Русија ретко е цел.
Денеска Украина ќе им предложи на САД за време на состанокот во Џеда, Саудиска Арабија, план за делумно примирје со Русија со надеж дека ќе ја поврати поддршката од Вашингтон по неодамнешното влошување на нивните односи. Разговорите во Џеда ќе бидат први на толку високо ниво меѓу украинските и американските претставници по вербалниот судир на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа на крајот на февруари.