Министерот за економија, Бесар Дурмиши, денеска упати јасно предупредување до трговците и дистрибутерите, ако анализите покажат дека се манипулира со цените на основните производи, државата ќе воведе ригорозни мерки за заштита на потрошувачите.
– Ќе го следиме однесувањето на трговците, дистрибутерите и производителите. Ако видиме енормно зголемување на цените или девијантно однесување, ќе реагираме можеби со ново ограничување на цените или проширување на листата на производи под контрола – изјави министерот.
Тој додаде дека очекуваното зголемување на цените во мај не е изненадување, особено по завршување на владините мерки. Но, воедно забележа и позитивни трендови кај некои домашни производи, каде е регистрирано намалување.
– Во март инфлацијата беше околу 2 проценти, што за нас е стабилна состојба. Целта ни е до крајот на годината да ја задржиме инфлацијата под 3 проценти – додаде Дурмиши.
Министерот исто така посочи дека за време на празници трговците често ги зголемуваат цените на најбараните производи, но оваа година, како што рече, биле преземени чекори однапред за да се спречат такви злоупотреби.
Очекувањата се дека во следните денови ќе пристигне извештајот за јуни, кој заедно со податоците од Државниот завод за статистика и Инспекторатот ќе биде основа за нови мерки.