Топ Вести - Слушај сега
Граѓаните треба да ја знаат вистината дека владата на ДУИ и СДСМ, во која прв вицепремиер беше Артан Груби, препорача да се укине балансерот и за тоа ДУИ им должи извинување пред сè на граѓаните Албанци. Законот за правична застапеност кој го изготви оваа влада доби позитивна препорака од Венецијанската комисија, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
– Не е точно и не е вистина дека со доаѓањето на оваа Влада е избришан инструментот балансер, вистината е дека Владата во која беше ДУИ, а потпретседател или прв потпретседател Артан Груби, на седница донесе одлука во којашто го брише и дава мислење дека треба да се избрише инструментот балансер. Истото тоа понатаму е содржано во скрининг извештајот на Европската Унија, тоа е вистината и треба сите граѓани во целата држава без разлика на етничката припадност да ја знаат вистината, бидејќи заслужуваат да ја знаат вистината – потенцираше премиерот одговарајќи на прашање од пратеничката Рина Ајдари од ДУИ.
Мицкоски нагласи дека за Законот за правична застапеност, Венецијанската комисија дала позитивна препорака, а одлуките на Венецијанска комисија според новата методологија на пристапување и преговарање по кластери, а побарана од страна на Франција се одлуки кои не се коментираат туку се спроведуваат, затоа што се дел од пристапниот процес кон Европската Унија.
– Од една страна зборуваме за ЕУ, за членство во ЕУ, за полноправно членство, а од друга страна велите дека законот бил ваков или таков. Да ви помогнам, Венецијанската комисија има дадено позитивна препорака за усвојување на овој закон. Дали тој вам ви се допаѓа или не, јас нема да навлегувам во таа дискусија со која ќе овозможам вие да добивате вештачко дишење како политичка опција за да опстоите на политичката сцена бидејќи доживеавте дебакл не така одамна со овие пораки. И тогаш сè тоа ви изгледаше смешно и саркастично, но гласачите си го кажаа своето на изборите. И откако го кажаа тоа наместо да извлечете поука, вие континуирано продолжувате така да се однесувате, мислејќи дека на тој начин ќе привлечете внимание и од гласачите и од јавноста. Нема да навлегувам во етнички поделби бидејќи не е тоа дел од мојот карактер, сум го кажал тоа многу пати и ќе повторам, како претседател на влада јас сум на сите граѓани без разлика на политичка, етничка или верска поделба и така ќе продолжам да се однесувам бидејќи тоа ми е важно – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека изнесувањето невистини од страна на пратениците на ДУИ од собраниската говорница нема да им донесе политички поени, туку ќе им одземе. Чесно и доблесно ќе беше, додаде тој, да излезат и да кажат и да се извинат за тоа дека владата во која ДУИ беше партнер со СДСМ е таа која препорача да се избрише Балансерот, додека за време на истата влада се избрани судиите од Уставен суд кои донесоа одлука да се укине Балансерот.
Tagged as:
ДУИ ДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА АЛБАНЦИТЕ ШТО ПРЕПОРАЧА ДА СЕ УКИНЕ БАЛАНСЕРОТ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖