Девизните резерви, на крајот на декември 2024, достигнаа историски максимум од 5,03 милијарди евра, со повеќе од 60% вложени во хартии од вредност, главно државни обврзници од еврозоната, соопшти Народна банка.
– Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а балансираниот приод во инвестирањето придонесе за остварување поволни финансиски резултати – велат од банката.
Од банката додаваат дека макроекономската состојба кај нас е во согласност со октомвриските проекции, со годишен раст на БДП од 3% во третиот квартал од 2024 година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал.
Просечната годишна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5% и целосно е во согласност со последните проекции на Народната банка.
„Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер коишто можат да влијаат на агрегатната побарувачка- велат од Народна банка.
Во декември 2024 година, вкупните депозити и кредити пораснаа над очекувањата, со годишен раст од 11,4% односно 11,2%. Анкетните податоци укажуваат на олеснување на кредитните услови и зголемена побарувачка на кредити.