До вчера на полноќ до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) доставени се вкупно 69 иницијативи за предлагање на листи за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје и 68 иницијативи за предлагање на листи на советници за советите на општините и советот на Град Скопје.
Како што информира денеска ДИК, листите на кандидати за членови на советот и листата на кандидат за градоначалник на општината, заедно со евидентираните потписи како предлог и целокупната друга документација согласно законските услови и според Упатството на ДИК може да се поднесат до ОИК до 13 септември до полноќ.
Потписи за независни кандидати за градоначалници се собрани за општините Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Крива Паланка, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени, Струга, Дебар, Струмица, Радовиш, Брвеница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново Облешево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, Гостивар, Демир Хисар, Виница, Сарај, Центар, Аеродром, Карпош, Шуто Оризари, Арачиново, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани, Чучер Сандево и за градоначалник на Град Скопје.
Потписи за независни листи за членови на советите на општините и Советот на Град Скопје се собрани за општините Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Старо Негоричане, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени, Струга, Дебар, Босилово, Ново Село, Струмица, Тетово, Штип, Свети Николе, Лозово, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново Облешево, Кавадарци, Битола, Могила, Ресен, Демир Хисар, Карпош, Сарај, Центар, Чучер Сандево, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани и за Советот на Град Скопје.
„Кон листите за кандидати поднесени од група избирачи, покрај Образецот за собрани потписи за листата за градоначалник на општината односно Градот Скопје и/или листа на кандидати за членови на советот на општината односно Советот на Градот Скопје, се доставуваат и сите документи кои се потребни согласно Упатството за начинот и постапката за поднесување на прием и потврдување на кандидатски листи за локалните избори 2025, кое е објавено на официјалната веб-страна на Државната изборна комисија. Рокот за собирање на потписите заврши ноќеска, 1 септември 2025 година на полноќ“, соопшти ДИК.