Долгометражниот документарен филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов и во продукција на Скопје Филм Студио е селектиран во официјалната програма на престижниот фестивал Бит Филм Фестивал (Beat Film Festival) во Москва.
Бит Филм Фестивал, со публика од над 10.000 гледачи е најголемиот фестивал на документарен филм во Русија. Низ годините прераснува во голем културен настан кој прикажува избор од најдобрите документарни филмови од најновата светска продукција на теми од областа на музиката, модерната уметност, урбанизмот и архитектурата, уличната култура, модата и новите технологии. Организаторите на овој независен фестивал, кој не е поддржан од државата, ја препознаваат документарната форма како начин за меѓусебен дијалог и чувствуваат обрвска да продолжат да го организираат и во актуелните околности, гледајќи на тоа како општествена одговорност, како доказ дека како општество не ги прекинале врските со европската цивилизација. Фестивалот ќе се одржи во периодот од 5-ти до 15-ти јуни, со проекции во повеќе кино сали, музеи, културни центри и клубови во Москва.
„Време на бетон“ веќе е прикажан на филмските фестивали во Прага, Истанбул, Стокхолм, Белград и Будимпешта.
По Москва, следната дестинација на „Време на бетон“ ќе биде 25. КАМЕРАТ во Храстник, Словенија. КАМЕРАТ е прв и единствен филмски фестивал на трудот во Словенија и меѓу ретките низ светот кој, преку филмот како алатка за социјална критика, го истражува трудот од повеќе социолошки, психолошки и политички аспекти.
Македонскиот филм „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов, е снимен по сценарио на Игор Иванов и Томи Салковски, автор на нарацијата е Ѕвездан Георгиевски, наратор Никола Ристановски, соработници на сценариото се Мишко Ралев и Јордан Минов, изборот и изведбата на музиката е на пијанистката Дуња Иванова, кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, монтажата е на Дејан Смилески, дизајнот на звукот на Игор Поповски.
Продуцент на „Време на бетон“ е Томи Салковски. Филмот е снимен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.