Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ беше принуден да го предаде полуфиналниот меч на Австралијан Опен против Саша Зверев поради сериозна повреда на задната ложа, која вклучува руптура на мускулот. Иако повредата сама по себе е доволно тешка, Ѓоковиќ дополнително се соочи со сомнежи и обвинувања дека ја лажира својата состојба.
Во обид да ги замолкне критиките, тој на социјалните мрежи објави рендгенска снимка од својата повреда, додавајќи: „За сите експерти“, алудирајќи на оние кои ја доведуваат во прашање неговата искреност.
Сепак, и покрај објавените докази, дел од јавноста остана скептична. За да се разјасни ситуацијата, австралиските медиуми побараа мислење од реномираниот доктор Питер Ларкинс, специјалист за спортска медицина и опоравување на спортисти.
– Тоа е значително истегнување. Не е крај на кариерата, но мислам дека е прилично неверојатно што Новак воопшто успеал да одигра неколку мечови откако тоа првобитно се случи. Треба да му се извинат сите кои го обвинуваа дека лаже – изјави Ларкинс за австралиски медиум.
Со ваквата поддршка од медицинската заедница, Ѓоковиќ уште еднаш докажа дека неговата посветеност и сила на духот не можат да бидат доведени во прашање, а објавените снимки се дополнителен доказ за неговата искреност.