Обвинетите службеници од Министерството за економија, Беким Хаџиу и Арлинда Касапи, не можеле да го предизвикаат пожарот во „Пулс“, затоа што биле надлежни само за административна обработка на документи во Министерството за економија, рече нивната бранителка Софија Лаличиќ во воведниот говор на денешното рочиште во судницата на Кривичниот суд во Идризово.
Лаличиќ рече дека пожарот во кој загинаа 63 лица е голема рана која не смее да биде товар што неправедно ќе падне врз грбот на двајца службеници чии надлежности не се технички, инспекциски, ниту безбедносни.
– Од една страна имаме незамислива трагедија, а од друга страна државни службеници кои совесно ја вршеле работата согласно законите. Овде седат родители кои ја носат најтешката болка, а ние се покоруваме пред нивната загуба. Но, поради нив мора да се држиме до фактите, а не до емоциите, оти ако правдата се измери според тежината на болката, тоа нема да е правда, туку утеха. А судницата не е место за утеха, туку место за утврдување на правилна фактичка состојба – рече Лаличиќ.
Фактите се, потенцира таа, дека Беким Хаџиу и Арлинда Касапи се државни службеници кои постапувале по лиценците.
– Хаџиу е вработен во Министерството за економија од 2014 до 2023 година, раководител е на сектор од 2017 година, постапувал по 6 лиценци. Касапи е раководител на одделение во периодот од 2015 до 2023 година, постапувала по 3 лиценци, строго по законските овластувања. Обвинителството тврди дека тие издавале лиценци за угостителска дејност на кабаре „Пулс“, иако објектот не ги исполнувал минималните услови и со тоа свесно прифатиле дека може да настане штетна последица. Но, доказите ќе покажат спротивно – тие не се архитекти на трагедијата, носители на ризик, не се креатори на опасност, не се оние кои проверуваат хидранти, инсталации и излези, не го преполниле клубот, не ја запалиле пиротехниката … Нивната работа е управна постапка без право на увид во објектот, значи административна, а не инспекциска. Тие не вршат теренски контроли, не прегледуваат противпожарни системи, не вршат процена на ризик. Тие вршат проверка на документација која во министерството доаѓа заверена и потпишана од други институции. Нивната работа е канцелариска обработка на документи, а не проверка на објекти, не можеле да предвидат дека во објектот, кој има важечки документи од други органи, ќе се случи пожар – рече адвокатката Лаличиќ.
Во врска со издадените лиценци за работа, адвокатката рече дека за тоа немало забелешки во двете ревизии на Државниот завод за ревизија за работењето на Министерството за економија.
– Министерството за економија има право да одзема лиценца, но само ако службите утврдиле неправилности и за тоа доставиле документи до Министерството. Пожарот, блокадата на излезите, преполниот простор и присуството на деца не зависат од службеникот што ја проверува документацијата – рече бранителката на Хаџиу и на Касапи.
Таа додаде дека од доказите јасно ќе произлезе кој е виновен за пожарот и каде се пропустите.
– Судот преку анализа на надлежностите на институциите ќе има можност прецизно да утврди кои институции навистина затаиле, како тоа довело до трагедијата и, она што најмногу ги интересира граѓаните, дали тоа било поради корупција. Нема правна теорија која ќе прифати дека службеник кој работи само со документи издадени од други органи може да се смета за одговорен поради пропусти на други институции. Од доказите ќе произлезе кои и чии дејствија се виновни за пожарот и тоа во најголема мера ќе произлезе од доказите на Јавното обвинителство – рече таа.
Во правото, додаде таа, нема верижни пропусти или индолентен бирократски канал или синџир на пропусти.
– Тоа се малку повеќе политички фрази. Дали постои причинско-последична врска меѓу дејствијата на службениците со последицата? Не, нема врска. Мора да има непосредна врска. Обвинетите извршувале административна обработка на документи, додека за предизвикување на пожарот влијаеле други пропусти кои не биле во нивна надлежност – заклучи адвокатката Софија Лаличиќ.




























