До крајот на месецов треба да се направат пресметките и да се утврди висината на минималната платата и во таа насока веќе е формирана Комисијата за утврдување на репрезентативноста на синдикатите, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешната прес-конфеенција.
Тој очекува Комисијата брзо да ја утврди репрезентативноста на синдикатите.
-Комисијата почнаа со работа за да одбере кој синдикат ги исполнува условите за да биде репрезентативен. Имаат многу работа затоа што треба да проверат многу документи, но таа комисија веќе е формирана и веќе работат на тоа. Сепак, сега за сега согласно законот кој е во сила до крајот на месецов треба да се утврди вредноста на минималната плата и покрај тоа што имаме ситуација без репрезентативност на синдикатите – рече Дурмиши.
Дурмиши објасни дека по утврдување на репрезентативноста ќе се свика економско социјалниот совет за да ја утврди минималната плата.
-По утврдувањето на репрезентативноста веднаш ќе го свикаме Економско социјалниот совет на кој ќе ја отвориме како тема минималната плата. Доколку работодавачите и синдикатите се договорат за друг начин на утврдување или друга вредност на минималната плата ние ќе бидеме таму за да им помогнеме на двете страни – рече Дурмиши.