Дневната заштеда на граѓаните со владината мерка за горивата е повеќе од 200 000 евра, а неделно се очекува да биде 1,5 милион евра, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој додаде дека состојбата се следи многу внимателно, има уште неколку мерки, претстојат предизвици, но граѓаните и бизнисот треба да бидат спокојни.
Мицкоски напомена дека во Македонија моментно има убедливо најниска цена на дизел и безоловното гориво споредено со која било земја од регионот, а потрошувачката е зголемена за околу 150 000 литри на ден.
Според премиерот, многу граѓани од соседните држави полнат гориво на нашите бензински пумпи. Притоа, притисокот е најголем на западната (Охрид, Струга, Дебар), јужната (Битола, Гевгелија) и северната (Куманово) граница.
Мицкоски потенцира и дека Владата во однос на горивата одлучила да презема поробусна интервенција која, како што објасни, ќе спречи драматично поскапување кое би удрило по стандардот на граѓаните.
– Имаме уште неколку мерки, но внимателно ја следиме ситуацијата. Граѓаните и бизнисот да бидат спокојни. Имаме предизвици, но електро-енергетската состојба е исклучително стабилна и снабдувањето со нафта и нафтени деривати е исклучително стабилно. Во овој момент, ги задоволуваме домашните потреби. Како земја имаме најниски давачки кон Владата кога станува збор за бензините и дизел горивото. Правевме анализа, имајќи ги предвид цените на берзите и дојдовме до заклучок дека ако интервенираме во акцизите тогаш намалувањето на цената за бензините ќе беше еден денар за литар, а за дизелот два денара. Затоа се одлучивме за поробусна интервенција со која се намалуваат цените за околу 6,5 – 7 денари за литар. Сакавме поробусна интервенција за веднаш да почувствуваат граѓаните, да нема драматично зголемување кое би удрило по стандардот – рече Мицкоски.
Тој потсети дека на вчерaшаната седница Владата донесе одлука да прогласи кризна состојба од 30 дена и ја намали стапката на ДДВ за горивата од 18 на 10%.
-Ние сме една од ретките влади во Европа кои директно од Буџетот го поддржуваат стандардот на граѓаните и така ќе продолжиме. Тоа за нас е најголем интерес и приоритет и тоа е целта на една народна влада како оваа – рече Мицкоски.
Досега, информира тој, не е реализиран разговор со раководството на ОКТА.
-За тоа е задолжена министерката за енергетика. До овој момент немам информација дека е реализиран тој разговор. Очекувам денеска тоа да се рeализира и очекувам разбирање од ОКТА. Сега се моментите да си помогнеме едни на други – рече Мицкоски.
Во врска со коментарите на опозицијата дека Владата не прави доволно во однос на кризата, Мицкоски истакна дека единственото нешто по кое ќе бидат запамтени СДСМ е фактот дека како држава најлошо се справивме со КОВИД-пандемијата.
Tagged as:
Дневно 200.000 евра од намалениот ДДВ остануваат кај граѓаните кои точат гориво
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
