По целосно спроведена постапка и извршени проверки, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за кривични дела Фалсификување исправа и Употреба на исправа со невистинита содржина, соопшти Јавното обвинителство.
Пријавите се повикуваа на јавно објавени податоци, според кои пријавениот при аплицирање за позициите директор во ЈП „Градски паркинг“ Скопје, асистент на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ Битола и директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), користел уверение за познавање англиски јазик од Language School Julia од Пловдив, Бугарија, кое според сознанијата на подносителот не спроведувало тестирање за TOEFL IBT, ниту пак издавало меѓународно признати сертификати какви што се барале на огласите.
„Постапувајќи по пријавата, за да ги испита ваквите наводи, надлежниот јавен обвинител веднаш по оформувањето на предметот во ноември 2024 година упати барање за меѓународна правна помош до Република Бугарија, за да прибави потребни податоци и докази за правниот субјект Language School Julia CO.LTD, односно дали ова правно лице е регистрирано во правниот промет, кој е управител, каква дејност врши, дали е сертифицирано како центар за полагање и издавање меѓународно признати сертификати за странски јазици, кои и за кој период, како и тоа дали е издаден сертификат за познавање странски јазик за пријавениот. Во исто време, од Владата беше побарано целокупното досие кое било формирано за лицето во врска со објавениот оглас за избор на директор на АНБ во 2024 година и пропратната документација“, соопшти Јавното обвинителство.
Согласно одговорот од бугарските надлежни органи доставен во март 2025 година, по барањето за меѓународна правна помош во Бугарија постапувало Окружното јавно обвинителство Пловдив, се додава во соопштението.
„Обвинителството од Пловдив по извршените проверки констатирало дека правниот субјект Language School Julia CO.LTD бил регистриран во Трговскиот регистар како Julia CO.LTD и тоа за вршење повеќе дејности, меѓу кои и преведувачка дејност, услуги за преводи и легализирање документи и организација на приватни јазични школи. Прибавени биле целосни податоци за управителот на правното лице и била упатена покана до неа да се јави во својство на сведок и да се изјасни за сите прашања од замолницата. Но, проверките на бугарското Министерство за внатрешни работи покажале дека сопственичката подолг период се наоѓа надвор од границите на Бугарија. Од тие причини барањето за меѓународна правна помош од страна на бугарските надлежни органи не е во целост извршено и е вратено назад до македонското обвинителство, со прилог прибавена документација“, соопшти Обвинотелството.
По ова, надлежниот јавен обвинител продолжи со проверките и ја прибави документацијата од комплетното досие за пријавениот од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола и од „Градски паркинг“ Скопје, се додава во соопштението.
„По извршениот увид во целосната документација од сите институции каде аплицирал пријавениот се констатира дека меѓу останатите документи тој приложувал Сертификат од Училиште за странски јазици Julia CO.LTD со број E-ENG од 23.03.2022 година – курс за подготовка за испитот TOEFL, но и Сертификат за положен TOEFL IBT од 26.03.2022 година со освоени 75 поени, од кој се констатира дека полагањето било извршено во домашни услови преку Испитниот центар за Република Бугарија. Овој сертификат издаден од ETS визуелно, по форма и содржина се разликува од сертификатите кои што се доставени во прилог кон кривичната пријава, а во кои стои дека се издадени од правниот субјект Language School Julia CO.LTD. Јавниот обвинител изврши проверки и на јавно достапните податоци во ETS – Сервисот за едукација и тестирање, како единствената организација која е меѓународен тестатор за TOEFL сертификати, при што согласно прирачникот за спроведување на TOEFL тестирање за 2022-2023 година е евидентно дека во тој период постоела можноста тестирањето за TOEFL сертификат да се спроведе и во домашни услови. Во тој случај испитот се мониторирал онлајн од страна на човек – супервизор, а по содржина и форма тестот е ист како оној што се полага во лиценциран испитен центар. Разликата е во тоа што TOEFL во домашно идание можел да се полага во секое време, четири дена во неделата, по претходна регистрација. Резултатите и сертификатот од тестот се достапни во електронска форма 6-10 дена по тестирањето преку корисничкиот профил на лицето кое што го полагало тестот, а доколку поминале повеќе од две години од полагањето, како што е во случајов, ETS не може да даде известување или да ги верификува резултатите и тестот“, се објаснува со соопштението на Јавното обвинителство.
По целосно спроведените проверки јавниот обвинител констатираше дека во наведениот случај пријавениот не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити, се додава во соопштението.
„Приложениот сертификат согласно распожливите докази бил издаден по полагање на TOEFL тест во домашни услови во текот на 2022 година и истиот се разликува од сертификатот издаден од Language School Julia CO.LTD. Согласно член 122 од Кривичниот законик, исправа е секој предмет што е подобен или одреден да служи како доказ на некој факт што има вредност во правните односи. Оттука, дури и да постои дилема за веродостојноста на документот за завршен курс за подготовка за испитот TOEFL издаден од Language School Julia CO.LTD., тој согласно обезбедената документација не предизвикал правна последица, ниту бил од какво било значење за правните односи и за именувањето за директор, бидејќи во досието е презентиран друг валиден документ за познавањето на странски јазик. Од тие причини во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите на пријавените кривични дела“, соопшти ЈО.
Јавниот обвинител, се додава, ги провери наводите во пријавите и во однос на уверенијата за високо образование на истото лице, при што ја прибави целокупната документација од Економскиот факултет на Универзитетот Скопје, предметот од Државната комисија за спречување на корупцијата и извештајот од вонредниот Државен просветен инспекторат кој веќе извршил целосен увид во досието и не утврдил никакви неправилности.
„Имајќи ги предвид сите овие докази, јавниот обвинител констатираше дека и во ваквите наводи не се исполнети обележја на кривично дело“, додава Обвинителството.