Поранешниот англиски фудбалер Џо Томпсон почина на 36-годишна возраст, објави денеска англискиот клуб Рочдејл чиј дрес го носеше на повеќе од 200 натпревари.
Рочдејл објави дека Томпсон „почина од рак во четвртокот дома опкружен со своето семејство“.
„Џо беше талентиран фудбалер, но и личност со многу љубов. Неговиот нескротлив дух беше инспирација за сите. Пред сè, тој беше добар сопруг и татко“, соопшти Рочдејл.
На Томпсон, кој во јуниорските денови беше дел од академијата на Манчестер Јунајтед, првпат му беше дијагностициран Хочкинов лимфом во 2013 година, а по третманот, болеста се врати три години подоцна.
Во 2017 година објави дека е излечен од ракот и ја продолжи фудбалската кариера која ја заврши две години подоцна.
Минатата година на Томпсон по трет пат му беше дијагностициран рак.
Сочувство по повод смртта на Томсон изрази и Манчестер јунајтед.