Графити со пораки на омраза кон Србите се појавија денеска на ѕид на училишна сала во Сплит. На ѕидот беа напишани пораките „Убијте го Србинот“ и „Марш од Хрватска“, заедно со усташката буква У.
Попладнево скандалозните графити беа пребојани.
Ова се случува по инцидентот што го потресе Сплит во понеделникот вечерта, кога група од околу 50 мажи облечени во црно упаднаа на манифестацијата „Денови на српската култура“ и насилно го прекинаа настанот, на кој присуствуваа пензионери и деца.
Поради сериозноста на инцидентот, во Сплит пристигна главниот државен обвинител Иван Турудиќ, кој одржа состанок со раководителите на Сплитско-далматската полициска управа и канцелариите на окружното и општинското обвинителство.
– Интензивно работиме, имавме добар состанок со раководителот на Полициската управа, окружниот државен обвинител и вршителот на должноста општински обвинител. Засега сметаме дека станува збор за кривично дело, сомнение за кривично дело кое се гони по службена должност – рече Турудиќ.
Сите деветмина мажи кои беа приведени од сплитската полиција за инцидентот добија едномесечен притвор.
По одлуката за притворот, навивачката група Торцида најави протест што ќе се одржи утре со почеток во 11 часот. На протестот се очекуваат и ветераните од војната.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска ги повика ветераните да не дозволат да бидат манипулирани во врска со фундаменталните вредности за кои е основана Хрватска и да испратат порака дека однесувањето како она во Сплит е неприфатливо кон никого, вклучително и кон српското малцинство.
– Хрватска е основана за да биде демократска, слободна, така што сите наши граѓани имаат право да ги изразат своите ставови, слобода на говор, па дури и негување на специфични малцински права, традиции и идентитети – рече Пленковиќ.
Во долго соопштение, навивачите од Торцида ги повикаа сите граѓани да им се придружат во изразувањето на незадоволството од она што тие го нарекуваат „лицемерие и линч што се случуваат во јавниот и во политичкиот простор во последните денови, што кулминираше со притворање на ветеран“.
Торцида на Фејсбук наведува дека сè почнало со „настан чија цел била мирно да се изрази несогласување со одржувањето настани на кои се пее за хрватските градови како за српски и да се промовира таканаречена култура“
„Се претставува државата што изврши агресија врз нашата татковина, чија војска ги запали нашите градови и села, уби и мачеше Хрвати и обви многу семејства во црно, од кои повеќе од 1.700 сè уште ги бараат останките на своите најблиски до ден-денес“, објави Торцида.
Навивачите се револтирани што меѓу притворените Хрвати има еден ветеран.
„Човек кој не страдал од анемија, туку самиот бил во првите редови на одбраната на Вуковар и кој поминал 9 месеци во озлогласениот концентрационен логор во Митровица, денес, во Хрватска за која се борел, е затворен затоа што го искажал својот став и своето мислење за парадата на „културата“ што ја доживеал од прва рака и ги видел одблизу сите ужаси, тортура, колење и смрт, а денес лежи во затвор затоа што го искажал своето мислење на настан каде што не само што никој не бил повреден, туку никому не му паднало ни влакно од главата“, се вели во објавата.




























