Данската служба за безбедност нуди три сценарија кои би можеле да се случат доколку конфликтот во Украина биде прекинат или замрзнат.
Данската разузнавачка служба (ДДИС) даде шокантна проценка во однос на Русија. Во нивниот извештај, објавен во вторникот, тие тврдат дека Русија би можела да биде подготвена да води војна од големи размери во Европа во рок од пет години, доколку Москва оцени дека НАТО е слаб, пишува Политико.
– Тие најверојатно ќе бидат поспремни да нападнат една или повеќе европски земји доколку го сметаат НАТО како воено ослабен или политички поделен, се вели во извештајот. „Ако решат да го сторат тоа, тоа ќе биде затоа што САД нема да можат или сакаат да ги поддржат европските земји-членки во таа потенцијална војна“.
Во извештајот се наведува и дека Русија ги зајакнува своите воени капацитети за подобро да се подготви за војна.
Данската служба за безбедност нуди три сценарија кои би можеле да се случат доколку конфликтот во Украина биде запрен или замрзнат, почнувајќи од сегашната претпоставка дека Русија нема капацитет да води војна со повеќе земји во исто време.
Во рок од шест месеци, предвидува извештајот, Русија веќе ќе може да води војна со соседна земја, а во рок од две години тие би можеле да започнат регионална војна во Балтичкото Море. Доколку САД не интервенираа во војната, тие би можеле да извршат напад од големи размери врз Европа во рок од пет години.
Во извештајот на ДДИС се наведува дека не го земале предвид можното зголемување на одбранбените капацитети на НАТО.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет отсто од БДП, два и пол пати повеќе од сегашната цел, и сугерираше дека САД би можеле да се повлечат од алијансата доколку другите членки не ги исполнат неговите барања.
Во 2024 година, тој отиде дотаму што рече дека ќе ја „охрабри“ Русија да нападне земја членка на НАТО која не ги исполнува финансиските барања, потсетува и заклучува Политико.