Користењето дезодоранс е дел од секојдневната рутина за повеќето луѓе, но многумина го прават тоа погрешно, вели дерматолог.
Дезодорансот одамна е задолжителен дел од секојдневните тоалети, особено утринските. Сепак, нанесувањето дезодоранс наутро не е најдобро, предупредува британскиот дерматолог Ри Адел.
Во видеото што го објави на TikTok, таа истакна дека не го правите правилно ако нанесувате дезодоранс наутро или после тренинг. Можеби ова е и причината што не работи како што треба, пишува порталот N1 Croatia.
“За да го извлечете максимумот од него, треба да го нанесувате навечер, пред спиење. Тогаш вашите потни жлезди се помалку активни, што значи дека дезодорансот има повеќе време да делува”, објаснила Ри Адел.
Овој начин на примена овозможува подобра апсорпција, со што дезодорансот е поефикасен следниот ден.
Дерматологот советува и да се нанесува на целосно сува кожа, бидејќи тоа овозможува оптимална апсорпција и ја намалува потребата за повторно нанесување во текот на денот.
Дезодоранси и антиперспиранти – која е разликата?
Докторката Линдзи Зубрицки од Мисисипи го поддржува овој совет, додавајќи дека антиперспирантите, исто така, најдобро делуваат кога се нанесуваат навечер.
И дезодорансите и антиперспирантите влијаат на мирисот на телото, но на различни начини.
Дезодорансите ги неутрализираат непријатните мириси со додадени мириси, но не го спречуваат потењето. Тие обично се на база на алкохол, па ја закиселуваат кожата, што го отежнува размножувањето на бактериите што предизвикуваат мирис.
Антиперспирантите содржат активни состојки – најчесто алуминиумски соли – кои создаваат еден вид гел на кожата и привремено ги затвораат порите на пот. Тие не влијаат директно на мирисот, но со намалување на потењето го намалуваат и изворот на храна за бактериите, а со тоа ја намалуваат нивната репродукција.