Background

Дали Јавното обвинителство применува двојни стандарди?

Топ Вести - Слушај сега

0:00 0:00
100

Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, кој однесе 63 човечки животи, прераснува во сериозен тест за македонскиот правосуден систем, не само поради тежината на последиците, туку и поради правните преседани кои се поставуваат. На последното рочиште, одбраната, преку адвокатот Петре Шилегов, отвори суштинско прашање кое навлегува во самата срж на кривичното право –  каде завршува административната одговорност, а каде започнува кривичната вина за „тешки дела против општата сигурност“?

- Advertisement -
Ad image

Аргументацијата изнесена во судницата, поткрепена со фрапантниот податок дека едно рочиште го чини буџетот 150.000 евра, сугерира дека Јавното обвинителство (можеби се наоѓа во колизија со сопствените начела, применувајќи различни аршини за различни категории службени лица за ист случај.

Во таа насока, одбраната отиде чекор подлабоко и ја насочи критиката кон самата логика на обвинителниот пристап. Адвокатот Петре Шилегов, на едно од претходните рочишта, ја сврте дебатата од „кој требало да надзира“ кон „кој навреме требало да гони“. Ако обвинителството тврди дека постоел долгогодишен системски „јавашлук“, праша тој, тогаш неизбежно се поставува и прашањето што правело кочанското обвинителството цели 13 години – и зошто денес ја гради тезата како да не постоела институција што токму поради такви појави требало да реагира.

Фактот дека настана промена во раководните тела на Јавното обвинителство дава можеби некакво објаснување за тоа зошто новите постапки се правно поиздржани, но не дава одговор дали ќе се пристапи кон прегледување и поправање на грешките од минатото.

Дефинирање на „надлежноста“: Административен акт наспроти инспекциски надзор

Клучниот правен проблем што се појави на судењето произлегува од неодамнешната одлука на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Ова обвинителство донесе наредба за запирање на истражната постапка против седум полициски службеници. Образложението е дека на овие лица не може да им се стави на товар кривичното дело, бидејќи тие немале законска можност и надлежност да вршат инспекциски надзор.

Оваа одлука фрла ново светло врз поимот „надлежност“. Во правната теорија и пракса, надлежноста не е апстрактен поим, туку прецизно дефиниран опсег на овластувања. ОЈО ГОКК правилно утврдува дека полицискиот службеник, иако е претставник на законот, нема техничко знаење ниту законско овластување да проверува градежни материјали, противпожарни системи или електрични инсталации.

Меѓутоа, тука настанува правниот парадокс. Во првиот судски процес, на обвинителна клупа седат административни службеници, вклучително и лица од Министерството за економија, но и поранешни функционери. Одбраната легитимно прашува – ако полицаецот е амнестиран од вина поради немање надлежност за инспекција, зошто истото начело не важи за административниот службеник, или за министерот, или за градоначалникот? Тука Јавното обвинителство ќе мора да даде прецизен одговор или да направи репроценка на обвинителниот акт кој го правеше претходното раководство во нивната институција.

Административните работници, министрите и градоначалниците кои постапуваат по барања за лиценци, вршат проверка на формално-правната документација („на хартија“). Тие, исто како и полицајците, не се инспектори кои излегуваат на терен. Обвинението против нив имплицира дека со својот потпис директно ја загрозиле општата сигурност, иако немале инструмент да ја верификуваат фактичката состојба во објектот, ниту законот им дава таква надлежност и моќ.

Системска одговорност без поединечна вина: Случајот со министрите и со градоначалниците

Правниот вакуум станува уште поизразен кога ќе се анализира опфатот на обвинението, кое вклучува широк спектар на функционери, од министри до градоначалници и други високи претставници на локалната и централната власт. Јавното обвинителство, во обид да демонстрира одлучност, го прошири прогонот кон врвот на пирамидата, но без јасно да ја образложи причинско-последичната врска помеѓу нивните надлежности и трагедијата.

Дали еден министер или градоначалник може да биде кривично одговорен за пожар предизвикан од пиротехника во приватен објект, ако институциите под него немале директна надлежност за конкретниот технички надзор во тој момент? Обвинувањето на носители на јавни функции често се перцепира како задоволување на потребата на јавноста за „системска одговорност“, но од кривично-правен аспект, вината мора да биде индивидуализирана и поврзана со конкретно дејствие или пропуштање што директно довело до последицата.

На пример, пред подигнувањето на обвинението, а и во самиот акт, се злоупотребуваше прашањето дали имало лиценца за работа за дискотеката „Пулс“. Јавното обвинителство ќе мора уверливо да докаже дали во моментот на трагедијата постоела важечка лиценца за дискотеката на смртта. Според доказ веќе соопштен во судницата, лиценца за овој објект немало, туку во 2013 година била издадена лиценца за друг објект на сопственикот, во центарот на градот. Дури и некој да се осмели да „толкува“ дека таа лиценца важела и за дискотеката на смртта – што би било надвор од разумот! – не може да се спори фактот дека ваква лиценца се издава со важност од само една година.

Ако нема правда и правичност во овој случај, сите ќе бидеме губитници. Јавното обнвинителство има историска одговорност правилно и прецизно да позиционира, без при тоа да подлегнува на моменталното расположение на јавноста. За жал, во моментов, изгледа како Обвинителството да го товари политичкиот и административниот естаблишмент за „командна одговорност“ (карактеристична за военото, а не за граѓанското казнено право), притоа игнорирајќи го фактот дека бирократските процедури, колку и да се троми, не се нужно еквивалентни на соучесништво во предизвикување општа опасност. Некои од обвинетите во првиот случај немале ниту можност, ниту обврска и ниту моќ да постапуваат онака како што Обвинителството вели дека требало да постапуваат.

Компаративна перспектива: Швајцарскиот модел наспроти македонскиот екстензивен пристап

За да се разбере тежината на овој пристап, корисно е да се направи паралела со слични трагични настани во Европа. Илустративен е примерот со пожарите во ноќни клубови во земји како Швајцарија (на пример, случајот со Кран Монтана или слични инциденти). Во таквите јурисдикции, истрагите примарно се фокусираат на директните чинители: сопствениците на објектот, организаторите на настанот и лицата кои непосредно ракувале со опасните материи (пиротехника).

Во швајцарската правна пракса, државата многу ретко посегнува по кривичен прогон на административни службеници или министри, освен ако не се докаже директна корупција или грубо прекршување на експлицитна законска обврска за надзор. Фокусот е ставен на индивидуалната одговорност на оној кој ја создал опасноста. Ако Јавното обвинителство може да докаже такво нешто, секако дека треба да има и двојна казна, за тоа би добило поддршка од сите.

Спротивно на тоа, во случајот „Пулс“, сведочењата јасно укажуваат на директни пропусти како причинители на трагедијата: употреба на пиротехника близу запалив плафон од сунѓер, реновирање и измена на структурата на дискотеката без никакви дозволи или барања до институциите, блокирани излези кои служеле за криење малолетници наместо за евакуација и работење без соодветни дозволи.

Па сепак, минатото раководство на македонското обвинителство избра стратегија на „широка мрежа“, вклучувајќи ги и оние чија поврзаност со настанот е административна, а не фактичка. Ова создава ризик од разводнување на одговорноста – кога сите се виновни (од шанкерот до министерот), на крајот никој не е виновен. Или, пак, до правда која нема да ја дочекаме во брзо време.

Можеби сега е моментот сите, а најмногу најблиските на жртвите и на унесреќените, да се запрашаме кој има полза од тој очигледен обид да се конструира случај кој ќе трае бескрајно долго и во кој ќе биде вграден вирусот на намерни правни недугавости и неодржливи квалификации, со кои, под притсиок на јавноста, ќе мора да се справуваат и првостепениот суд сега, но и повисоките судови подоцна.

Епилог: Скапа (ne)правда или правна несигурност?

Адвокатот Шилегов предупредува дека инсистирањето на овој процес, и покрај правните нелогичности, претставува рушење на системот токму кога треба да се гради правда. Финансискиот товар од 150.000 евра по рочиште е само еден аспект на штетата. Многу посериозна е правната несигурност што се создава.

Ако судот го прифати ставот на ОЈО ГОКК дека немањето инспекциска надлежност ослободува од вина (за полицијата), тогаш по автоматизам мора да паднат и обвиненијата против администрацијата. Доколку, пак, судот одлучи поинаку, ќе се воспостави опасен преседан на селективна правда, каде законот се толкува различно во зависност од униформата или функцијата што ја носи обвинетиот.

Во исчекување на конечниот епилог, останува отворено прашањето – дали целта е да се најдат вистинските виновници за 63 згаснати животи, или да се води процес кој повеќе наликува на лов на вештерки во административните лавиринти?

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation