Министерот за надворешни работи на новата администрација во Сирија, Асад ал-Шејбани, изјави дека укинувањето на децениските економски санкции е „клуч за стабилноста“ во неговата земја, пренесува Анадолија.
– Националниот фокус сега е трансформирање на предизвиците во можности, а Дамаск го поздравува враќањето на бегалците за да помогнат во обновата на Сирија – изјави Ал-Шејбани за време на сесија, модерирана од поранешниот британски премиер, Тони Блер, на Светскиот економски форум во Давос.
Тој истакна дека Сирија сега влегува во нова ера, а новата администрација сака Сирија да биде мирољубива земја која нема да претставува закана за никого.
– Клучно е да се увериме дека и Сиријците дома и во дијаспората ќе знаат дека нивната нова влада се залага за мир, безбедност и за стабилност – додаде тој.
Ал-Шејбани нагласи дека Сирија работи на воспоставување партнерства со заливските земји во секторите за енергетика и електрична енергија.
Тој додаде дека во наредната фаза Сирија ќе ја отвори својата економија за странски инвестиции.
– Доколку светот сака Сирија да излезе од трагедијата, мора да ги поддржи соништата на сирискиот народ. Го повикуваме светот да ја поддржи Сирија во обликувањето на нејзината иднина – порача ал-Шејбани.
Санкциите против Сирија датираат од декември 1979 година, кога САД ја означија како државен спонзор на тероризмот. Оваа ознака доведе до забрани за извоз, ограничувања за продажба и до различни финансиски рестрикции. Дополнителни санкции беа воведени за време на режимот на Башар ал-Асад, кој беше соборен од власт на 8 декември минатата година.