Скопските пожарникари успеаја огнената стихија кај Вардариште да ја стават под контрола и се врши догаснување.
Како што информираше командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, на терен биле ангажирани 25 пожарникари со осум возила.
– Превентивно исклучивме два далеководи – еден на ЕВН и еден на МЕПСО, затоа што интервениравме во нивна близина. Нема повредени и нема материјална штета, изјави Томевски.
Поради гаснењето на пожарот, 47.000 граѓани на Скопје останаа без електрична енергија, откако беа исклучени трафостаниците „Скопје 4 – Аеродром“ и „Скопје 4 – Исток“.
– По барање на Противпожарната бригада, нашите екипи веднаш ги исклучија трафостаниците за да се овозможи безбедна интервенција. Напонот ќе биде повторно воспоставен веднаш штом добиеме потврда дека теренот е безбеден, информираа од Електродистрибуција.