Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од резултатите во туризмот во првиот квартал и очекува бројката на странски гости да расте и во вториот. Планот на Владата е годинава да се стигне до 4 милиони ноќевања. Вака одговори на новинарско прашање во врска со објавените бројки за туризмот од Државниот завод за статистика.
– Јас сум исклучително задоволен, бидејќи е тоа квалитетен и значаен податок, особено за услужната и угостителска дејност. Можам да кажам дека во првите четири месеци бројот на туристи расте со историски 20% во споредба со лани. И во април и во првите четири месеци, но и структурата на туристи се менува. Сега гледаме дека има туристи од Франција, Германија и така натаму – рече Мицкоски.
Тој посочи дека од информациите кои ги добива од туроператорите, планирани се над половина милион ноќевања надвор од сезоната во Охрид, што, како што нагласи, многу ќе значи за нашата земја.
Премиерот оцени дека лани имало рекордни 1,2 милиони туристи со 3,5 милиони регистрирани ноќевања.
-Оваа година целта ни е да стигнеме до 4 милиони ноќевања и милион и пол туристи. Се надевам дека ќе успееме, првите параметри се добри. Во вториот квартал, во првите денови од април е зголемен бројот за 21% на странски гости и 20% бројот на ноќевањата. Тоа е добар инпут за Бруто домашниот производ во вториот квартал – рече премиерот Христијан Мицкоски.