Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ оцени дека денешниот инцидент пред белградскиот Парламент претставува „терористички чин извршен од претставници на опозицијата“.
Таа на прес-конференција во српското Собрание рече дека инцидентот го предизвикале „истите луѓе кои учествувале во обидот за блокада, палење и насилно преземање на државните институции во српскиот Парламент“.
– Истите луѓе го продолжија бруталното насилство пред парламентот во Белград – рече Брнабиќ.
Таа ги обвини претставниците на опозицијата дека ја „спречиле“ новинарката на „Информер“ Бранка Лазиќ „да си ја работи работата“ и да известува од денешната седница на Собранието на Белград.
– Пратеникот Борко Стефановиќ беше физички спречен да влезе во Градското собрание. Го малтретираа и физички го нападнаа, дури и го спречија да се засолни на сигурно кога почна нападот. Тоа не е Србија, Србија е земја на чесни луѓе кои ќе ви помогнат кога сте во опасност, особено жените. Она што го видовме од терористите на опозицијата на Ѓилас е дека тепаат жени – рече претседателката на српското Собрание.
Неколку лица беа приведени по инцидентот пред белградскиот Парламент кога се собраа активисти и граѓани и фрлаа со јајца и боја кон зградата, што доведе до физичка пресметка.