Британскиот велосипедист Крис Фрум претрпе сериозна повреда откако падна за време на тренинг, изјави неговата сопруга Мишел. На четирикратниот победник на Тур де Франс му е дијагностициран пукнат перикард, заштитна кеса околу срцето.
– Очигледно ова е многу посериозно од само неколку фрактури. Тој е добро, но ќе биде долго закрепнување. Нема да може да вози велосипед некое време – изјави за Ројтерс сопругата на велосипедистот.
Фрум падна за време на тренинг во Франција. Тој по падот, со хеликоптер беше однесен во болница.
Четириесетгодишниот Фрум е четирикратен шампион на Тур де Франс (2013, 2015, 2016, 2017), победник на Џиро д’Италија (2018) и Вуелта а Еспања (2017). Тој, исто така, двапати освои бронза на Олимписките игри во поединечна трка (2012, 2016).