Бразил планира да воведе даноци за американските технолошки компании доколку американскиот претседател Доналд Трамп ја спроведе својата одлука да воведе царина од 25 отсто на увозот на челик во САД, објави во понеделникот весникот Folha de S.Paulo.
Бразил е еден од најголемите извозници на челик во САД и во исто време претставува еден од клучните пазари за бројни американски технолошки гиганти. Според извори од бразилската влада, меѓу компаниите кои би можеле да бидат погодени од овој потег се Amazon, Meta (сопственик на Facebook и Instagram) и Google, кој е во сопственост на Alphabet.
Бразилскиот министер за финансии Фернандо Хадад рече дека владата ќе ја коментира оваа можност дури откако мерките на Трамп ќе станат официјални.
„Владата одлучи дека ќе објави само конкретни одлуки, а не најави кои би можеле да бидат погрешно протолкувани или ревидирани“, изјави Хадад за новинарите. „Ќе ја чекаме официјалната одлука пред да дадеме каков било коментар.
Претходно, бразилското Министерство за финансии ја разгледуваше можноста за воведување посебни даноци за големите технолошки компании за да се постигнат фискалните цели во случај на недостиг на буџетски приходи оваа година, пишува Ројтерс.