Никола Јокиќ не е единствената атракција од своето семејство што ги интригира американските медиуми. Неговите браќа, Страхиња и Немања, одамна се тема на разговор поради својот застрашувачки изглед и инцидентите со навивачи, што доведе до посебен третман за нив во арените низ САД.
Страхиња Јокиќ повторно се најде во центарот на вниманието за време на Ол-стар викендот, откако неговото присуство предизвикало страв кај еден новинар на „Јаху“.
Тој во своето сведоштво опиша како доживеал вистински момент на паника додека се обидувал да го сними семејството Јокиќ.
– Најстрашниот момент во мојот живот. Го гледав братот на Никола, Страхиња, како се приближува со крената рака. Додека снимав, мислев дека не ме забележа, но одеднаш тргна кон мене. Животот ми помина пред очи. Си помислив: „Ова е крајот, ќе завршам во мрачен ходник на ‘Чејс’ центарот“, открива новинарот.
Сепак, на крајот, немало простор за паника – Страхиња само сакал да се помести за да може семејството да се фотографира пред „Ол-стар“ билбордот. Така, од потенцијален хорор момент, настанот заврши со совршена семејна фотографија.