Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини започнува иницијатива за зголемување на заштитата на граѓаните и обезбедување поголема транспарентност при мерењето на потрошената електрична енергија. Како дел од оваа иницијатива, министерката за енергетика Божиновска бара Бирото за метрологија во најкраток можен рок да ја стави во функција софистицираната опрема за тестирање и верификација на броилата, која повеќе од седум години останала неискористена.
Станува збор за трофазен систем за мерење на електрична енергија и моќност, кој со години бил складиран во подрумските простории на Бирото. Со активирањето на оваа опрема ќе се овозможи не само редовна верификација на мерилата, туку и проверка на нивната исправност по жалби од потрошувачи. Божиновска инсистира на оваа мерка поради честите поплаки на граѓаните за сомнително фактурирање на електричната енергија.
Минатата недела, министерката Божиновска изврши обиколка на Бирото за метрологија за да ја утврди состојбата на опремата. Веднаш биле дадени насоки за нејзино активирање, по што Бирото добило задолжение да распише тендер за проверка на функционалноста, инсталација и пуштање во употреба на уредот, како и обука на вработените.
„Со оваа мерка, граѓаните конечно ќе добијат можност за независна проверка на исправноста на своите броила во државна институција. Ова ќе им овозможи секој сомнеж за неправилно фактурирање да биде проверен со прецизни мерења, по што ќе добијат јасен и недвосмислен одговор“, порачуваат од Министерството.
Дополнително, ова ќе претставува механизам за контрола врз компаниите кои ги инсталираат и одржуваат броилата, со што ќе се обезбеди поголема правичност во наплатата на потрошената енергија и ќе се намалат можностите за неправилности.
Министерството за енергетика останува посветено на воведување системски решенија кои ќе обезбедат фер и точен систем на мерење, заштита на потрошувачите и спречување на можни злоупотреби во фактурирањето на електричната енергија.