Личното богатство на британскиот крал Чарлс III. Минатата година се зголеми за 30 милиони фунти на вкупно 640 милиони фунти, што го прави богат колку поранешниот премиер Риши Сунак и неговата сопруга Акшата Марфи, објави „Сандеј тајмс“ во петокот.
Чарлс, кој се искачи на тронот во 2022 година, е на 238-мо место на листата на 350 најбогати луѓе и семејства во Велика Британија, што е за 20 места повисоко од 258-мо место во 2024 година.
Пресметките на „Сандеј тајмс“ покажуваат дека монархот е побогат за 140 милиони фунти од Дејвид и Викторија Бекам, за кои се вели дека вредат 500 милиони фунти. Поранешниот капитен на англиската фудбалска репрезентација, Бекам, е најбогатата британска спортска ѕвезда.
Весникот наведува дека најголемиот дел од заработката на 76-годишниот монарх, кој се соочи со предизвикувачка измината година бидејќи продолжува да прима третмани за рак, е поврзана со инвестициското портфолио што го наследил од неговата покојна мајка.
Неговите приватни имоти Сандрингем во Норфолк и Балморал во Абердиншир, кои ѝ припаѓале на кралицата Елизабета II, се исто така дел од неговото финансиско богатство.
„Сандеј тајмс“ вклучува само личен имот при проценка на богатството на владетелот.