Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА, ги информира граѓаните од Општина Центар и основните учлиштата дека услугите поврзани со психосоцијална поддршка, превенција од дроги, професионални советувања за ментално здравје, како и превенција и заштита од насилство, се достапни бесплатно согласно договорот кој е потпишан со Општина Центар. Услугите се достапни секој работен ден од понеделник до петок, во однапред закажан термин, за сите граѓани вклучително и за младите, учениците, наставниците, родителите кои се соочуваат со предизвиците на секојдневието.
– Врсничкото насилство остава длабоки последици врз менталното здравје на младите. Сè почесто се соочуваме со случаи на анксиозност, депресија и изолираност кај деца и адолесценти, предизвикани од навреди, исклучување или насилство од врсниците – како во училиште, така и онлајн. 53% од девојчињата и 19% од момчињата на возраст на 15 години имаат депресивно расположение, покажуваат податоците од ХБСЦ студијата. Потребна е заедничка акција од родителите, училиштата и институциите за да се создаде безбедна и поддржувачка средина, каде младите ќе се чувствуваат прифатени и ќе добијат навремена психосоцијална поддршка. Менталното здравје не е луксуз, туку право на секое дете. Апел до младите, молкот не е одговор, сподели и побарај поддршка кога ти е потребно! – наведуваат од ХЕРА.
За повеќе информации и закажување термини, граѓаните можат да се обратат во советувалиштата на ХЕРА:
Прв семеен центар е отворен во понеделник, среда и во петок (09:00–16:00), а во вторник и во четврток од 12:00 до 19:00 часот.
Телефон: 02/3200 007, +389 70 249 596, е-пошта: infopsc@hera.org.mk
Центар за поддршка и советување на момчиња и мажи – ММ центар е отворен од вторник до четврток (10:00–17:00), телефон: +389 70 299 026.
Советувалиштето за превенција од употреба на алкохол и дроги во Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно може да се добие на телефон +389 2 3176 950.
Како симболичен гест и во име на одбележувањето на 25-годишнината на ХЕРА, уметникот Ненад Тонкин изработи мурал во основното училиште „Кочо Рацин“ во Центар. Муралот претставува симбол на охрабрување, поддршка и солидарност против врсничко и семејно насилство, а воедно поттикнува на дијалог и активно делување за создавање безбедна и поддржувачка училишна средина. Покрај муралот стои и контакт телефон каде може сите деца, родители, наставници да побараат стручна помош и поддршка во справувањето со врсничко насилство, како и за други предизвици со менталното здравје.