Две лица го загубија животот, веројатно во обид да се спасат од огнените јазици, десетина се повредени, а стотици евакуирани од над десет населени места во големиот пожар што избувна вчера северно од градот Лимасол на Кипар и е проширен на површина од 100 квадратни километри, јави дописничката на МИА од Атина.
Според кипарските медиуми, во изгорено возило за време на гаснењето на пожарот, доцна синоќа биле пронајдени две јагленосани тела.
Портпаролот на Противпожарната служба на Кипар Андреас Кетис, за кипарската новинска агенција ЦНА рече дека утрово има нови разгорувања со кои се справуваат, но во моментов нема активен фронт.
Објасни дека интервенираат десет воздушни средства, што ќе се зголемат на 13 и едно ќе биде координативно.
– Досега, пожарот изгоре околу 100 квадратни километри – посочи Кетис.
Кипар го активираше Европскиот механизам за цивилна заштита, упатувајќи барање за помош, а според владиниот портпарол Константинос Летибиотис, Шпанија ќе испрати две воздушни средства.
Министерот за правда на Кипар Мариос Харциотис за државното радио рекол дека Јордан ќе испрати два хеликоптери, но и дека Грција го одбила кипарското барање за помош, затоа што во земјата има активни пожари.
Во текот на ноќта беа евакуирани стотици жители на села во околината на пожарот, а населените места денеска се без вода и без електрична енергија.
На Кипар не функционира бројот за итни случаи 112 за испраќање предупредувачки пораки за евакуација, како што е случај во Грција.