Обидите на Русија да го дестабилизира германското општество и да ја загрози безбедносната инфраструктура значително се зголемија оваа година, изјави Мартина Розенберг, раководителка на германската воена контраразузнавачка служба (Militärische Abschirmdienst – MAD).
„Ова е нагло зголемување на случаите на шпионажа и хибридни мерки“, изјави Розенберг за германската новинска агенција ДПА, додавајќи дека „пристапот е значително пообемен и поагресивен од порано“.
Според податоците на MAD, бројот на случаи во кои се сомнева дека е вмешана Русија се дуплирал во првите шест месеци од 2025 година. Германија, како клучен логистички центар за движење на трупите на НАТО и активен сојузнички партнер, е под постојан надзор од странски разузнавачки служби, истакнува Розенберг.
Во интервју за ДПА, Розенберг, исто така, наведе конкретни примери за саботажни активности, вклучувајќи оштетување на кабли на воени бродови, присуство на нафта во системите за вода за пиење и парчиња метал вметнати во погонските механизми на германските воени бродови.
Руските операции на германска територија датираат од пред инвазијата на Украина во февруари 2022 година. Во 2021 година, германски суд протера двајца руски дипломати поради убиството на грузиски државјанин во Берлин.
Дополнително загрижувачки е начинот на кој руските служби регрутираат соработници, честопати преку интернет, без регрутите дури ни да ја знаат крајната цел на операцијата. Еден од најновите примери е случајот со украински тинејџер кој предизвика експлозија во продавница на Икеа во литванскиот главен град Вилнус во март 2024 година.
Германските безбедносни агенции ги засилија мерките за надзор и превентивни мерки, додека притисокот на руското разузнавање продолжува во повеќе слоеви, од сајбер напади, до дезинформации, до физичка саботажа, според Политико.