Федералниот Суд за меѓународна трговија во САД го блокираше стапувањето во сила на реципрочните царини воведени на 2 април од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, објавени на таканаречениот „Ден на ослободувањето“.
Судот донесе одлука дека претседателот ги пречекорил своите овластувања со воведување царини за увоз од земји кои извезуваат повеќе стоки во САД отколку што увезуваат.
Судската одлука не влијае на царините од 25 проценти што Трамп ги воведе за увоз на автомобили, челик и алуминиум.
Судот за меѓународна трговија со седиште во Менхетен во својата одлука наведе дека Уставот на САД му дава исклучителни овластувања на Конгресот да ја регулира трговијата со други земји, кои не можат да бидат одземени во рамките на вонредните овластувања на претседателот да ја заштити американската економија.
Владата на Трамп денеска поднесе жалба против блокирањето на таканаречените „реципрочни“ царини.
– Со ова се известува дека обвинетите поднесуваат жалба до Апелациониот суд на САД – се наведува во судскиот документ.
Белата куќа веднаш поднесе жалба на одлуката, а судот даде рок од 10 дена да се спроведе административната постапка за запирање на тарифите, иако поголемиот дел од нив во моментов се суспендирани.
Одлуката ги блокира и царините воведени на Кина, Мексико и на Канада по враќањето на Трамп во Белата куќа, кои беа образложени како реакција на приливот на дрога и нелегални имигранти. Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, ја осуди одлуката изјавувајќи дека „неизбрани судии не треба да одлучуваат како да се одговори на национална вонредна состојба“.
Тужбата беше поднесена од невладината организација Либерти џастис центер во име на пет мали бизниси кои увезуваат производи од земји погодени од тарифите. Главниот обвинител на државата Њујорк, Летишија Џејмс, ја поздрави одлуката, нагласувајќи дека „ниту еден претседател нема право еднострано да наметнува нови давачки кога и да посака“.
Веста предизвика раст на берзите. Индексот Nikkei 225 во Јапонија порасна за 1,5 отсто, додека индексот на берзата во Шангај се зголеми за 0,7 отсто. Американските берзански фјучерси скокнаа, а доларот зајакна во однос на јенот и швајцарскиот франк.
Според поранешниот висок претставник на Царинската служба на САД, Џон Ленард, практичните импликации сè уште се нејасни. Ако Белата куќа ја изгуби жалбата, Царинската служба ќе треба да издаде упатства за укинување на царините, а фирмите кои ги платиле ќе добијат поврат на средствата со камата.
Трговската политика на Трамп започна на 2 април, кога беа најавени глобални царини, вклучувајќи 10 отсто за повеќето земји и дури 145 отсто на производи од Кина. По силните реакции од глобалните пазари и странските влади, некои мерки беа суспендирани или преразгледани.
Иако САД и Кина постигнаа привремен договор за намалување на церините, Трамп неодамна најави можност за 50 отсто царина на сите производи од Европската Унија. Сепак, неделава објави дека преговорите со ЕУ ќе продолжат уште најмалку еден месец и ги паузираше и тие царини.