Креаторот на култната анимирана серија „Саут парк“ (South Park), Треј Паркер, имаше најкратка можна реакција во четвртокот на гневот од Белата куќа поради новата сезона на серијата, која во првата епизода го прикажува Доналд Трамп гол во кревет со Сатаната, објави Гардијан.
– Ужасно ни е жал – рече Паркер, па направи долга, мртва и комична тишина со празен поглед.
Белата куќа издаде соопштение за првата епизода од 27. сезона, која се емитуваше во средата вечерта. За разлика од другите ликови во серијата, Трамп е прикажан како реална фотографија на претседателот ставена на анимирано тело. Исто така, има долга сцена со хиперреалистично дипфејк видео, во кое Трамп е целосно гол и оди низ пустина, додека повеќепати се алудира дека неговите гениталии се мали. Видеото можете да го погледнете ТУКА.
– Оваа серија е ирелевантна повеќе од 20 години и се држи за конец со неинспирирани идеи во очајен обид за внимание. Претседателот Трамп има реализирано повеќе ветувања за само 6 месеци од кој било друг претседател во историјата на нашата земја и никакво шоу од четврта класа нема да го попречи успехот на претседателот – рече портпаролката на Белата куќа, Тејлор Роџерс.
Подоцна во панелот, Паркер изјави дека добиле забелешка од продуцентите за епизодата.
– Нè предупредија: „Во ред, ама ќе го замаглиме пенисот“, а јас им реков: „Не, нема да го замаглите пенисот“ – изјави Паркер.
Мет Стоун додаде дека тимот решил да стави очи на пенисот за да стане лик:
– Ако ставиме очи, тоа веќе е лик. Тоа беше сериозен разговор меѓу возрасни луѓе, 4 еб*ни дена.
Премиерата, исто така, се нафрли и на Парамонт и на нејзината неодамнешна нагодба со Трамп вредна 16 милиони долари – само неколку часа откако Паркер и Стоун потпишаа договор вреден 1,5 милијарда долари со истата компанија за 50 нови епизоди и за стриминг-права за претходните сезони.
Во епизодата, Трамп ги тужи жителите на Саут Парк бидејќи оспоруваат присуството на Исус, вистинскиот лик, во нивното основно училиште.
Ефикасноста на продукцијата на „Саут парк“ – секоја епизода се прави за само неколку дена и може да биде готова неколку часа пред емитување – овозможува серијата да биде извонредно актуелна за анимиран формат.
– Не знам каква ќе биде следната епизода. Дури и пред 3 дена си велевме: „Не знам дали луѓето ќе го прифатат ова“ – рече Паркер.