Веројатниот иден чешки премиер Андреј Бабиш изјави дека нема намера да ја вовлече Чешка во „некаков вид антиукраински сојуз во рамките на Европската Унија“ што го планира унгарскиот премиер Виктор Орбан, заедно со словачкиот премиер Роберт Фицо.
– Медиумскиот монопол во Брисел, Политико, постојано лаже за нас. Не постои таква иницијатива и јас не знам ништо за тоа – категорично ја отфрли Бабиш изјавата на главниот политички советник на Орбан, Балаж Орбан за Политико дека ќе се формира таков „блок скептичен кон Украина“ што би можел да ѝ го отежни на ЕУ одлучувањето за помош на земјата.
Поранешниот чешки премиер Бабиш, како лидер на опозицијата, води тешка кампања од неуспешните претседателски избори во Чешка во 2023 година, на кои неговата популистичка партија Акција на незадоволни граѓани (АНО) се обиде да ги освои гласачите од екстремистичките партии и од десната и од левата страна на политичкиот спектар.
Важен елемент на таа кампања беше поттикнувањето антиукраински чувства, со тврдење дека околу половина милион украински воени бегалци се виновни за сите тешкотии на Чесите, почнувајќи од недостатокот на домување, високите кирии, скапата енергија, проблемите со училиштата и болниците.
Сепак, веќе во текот на изборната ноќ на 4 октомври, кога стана јасно дека АНО убедливо ги доби изборите, но не доволно за сама да формира влада, Бабиш ги отфрли референдумите за напуштање на ЕУ и на НАТО што ги бараа неговите идни коалициски партнери.
Иако по изборите го повтори своето ветување дека ниту една круна нема да се потроши директно од чешкиот буџет за оружје за Украина, Бабиш нагласи дека чешката воена индустрија и нејзиниот комерцијален извоз на оружје во Украина ќе ја имаат поддршката од владата. Исто така, тој ја поддржа воената помош што ЕУ ѝ ја обезбедува на Украина.
Пред изборите, Бабиш се закани дека ќе ја укине чешката иницијатива „Муниција за Украина“, но по разговорите со чешкиот претседател Петр Павел, ги смени ставовите. Сега само сака иницијативата да се ревидира, за да биде транспарентна и да не ја користат чешките трговци со оружје кои посредуваат во купувањето артилериска муниција во трети земји, вклучително и Србија, за која плаќаат западните земји и ѝ ја даваат на Украина.
Бабиш, исто така, најавува дека сака да ја обнови соработката со Вишеградската четворка, која престана да функционира како блок со координирани ставови во ЕУ уште во времето на полскиот популист Јарослав Качински.
За прашања каде што сака да се спротивстави на Брисел, како што се Пактот за миграција или климатските цели, Бабиш, сепак, првенствено смета на Полска и на нејзиниот сегашен премиер од централно-десничарската и левичарската влада, Доналд Туск.
Веднаш по изборите, Бабиш изјави дека првото лице што ќе го повика за да разговара за координирање на ставовите пред самитите на ЕУ ќе биде полскиот премиер Туск, а не ги спомена Фица и Орбан.
– Бабиш сака да се гледа себеси како некој што е дел од Европа што одлучува, дека е меѓу оние што се важни. Тој не сака да биде ставен во ист кош со Орбан и Фицо – вели коментаторката на Чешкото радио, Здења Трахтова.




























