Кавгите на политичките елити во Косово не привлекуваат внимание, а фокусот на Американците е пренасочен кон Србија, оценува поранешниот министер за надворешни работи на Албанија и универзитетски професор, Паскал Миљо.
– Косово не претставува вест што треба да се прикажува во ОН, лошите вести се оние што се шират најбрзо. Косово достигна точка на заситеност и не привлекува внимание, само ако се случи поголема криза. Внатрешните кавги на политичката елита повеќе не привлекуваат внимание, а Косово, колку што судам од дистанца, е препуштено на својата судбина. Србија го зголеми својот потенцијал, а вниманието на САД кон Србија се зголеми. Србија е земја што има поголема тежина во западните пресметки – оценува Миљо.
Додава дека „целта е Србија да се отцепи од руското влијание“.
– Западњаците, но и Американците, грешат ако мислат дека ќе го одвлечат Вучиќ на нивна страна, не можат да ја избришат историјата и да ја одвојат Србија од Русија, а не можат да ја одвлечат и од Кина, затоа што таа стана економски донатор на Србија. Тој си игра со САД, ЕУ, Русија, но и со Кина, тоа е вештина. Тој си игра со овие четири главни центри на светската политика – смета Миљо.
Посочува дека Косово долго време прави големи, непростливи стратешки грешки.
– Косово не може да преживее без силна поддршка од меѓународниот фактор. Мора да се откаже од неостварливите амбиции. Она што Курти и неговата партија го имаат на ум за Албанците во регионот и регионалната политика нема да се случи. Една мала земја е принудена да има сојузник за да преживее – нагласи Миљо.