„Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека да не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија, и мислам навистина лоши. Тој си игра со оган“.
Вака изјави американскиот претседател Доналд Трамп во објава на платформата TruthSocial.
Неименувани извори за „Волстрит Џурнал“ изјавиле дека Трамп претходни изјавил дека размислува да воведе санкции врз Русија оваа недела или да се повлече од преговорите за прекин на огнот во Украина, бидејќи станува сè повеќе фрустриран од нападите врз Украина и бавното темпо на мировните преговори.
Весникот оцени дека Трамп верува дека го познава Путин и дека рускиот лидер ќе ја заврши војната како лична услуга кон него, но дека одлуката на Путин да не попушти го влошила мислењето на Трамп за рускиот претседател, особено по телефонскиот повик минатата недела во кој Путин одби да потпише договор за прекин на огнот.
Трамп почна остро да го критикува Путин по интензивните напади со дронови врз Украина кои уследија на 24 мај по руско-украинските преговори во Истанбул кои се одржаа претходно на 16 мај.
„Отсекогаш сум имал многу добар однос со Владимир Путин, но нешто му се случи. Тој целосно полуде“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social во неделата на 25 мај.