Американската војска во вторник нападна брод во источен Пацифик за кој се веруваше дека превезува дрога. Две лица беа убиени, изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет. Американските напади, за кои САД велат дека се насочени кон трговците со дрога, убија најмалку 67 лица во Карибите и Пацификот од септември.
„Разузнавањето потврди дека бродот бил вклучен во нелегална трговија со дрога, пловел по позната рута за шверц на дрога и превезувал дрога. Нападот се случил во меѓународни води во источен Пацифик“, напиша Хегсет на мрежата X. Тој, исто така, објави видео од бродот зафатен од пламен.
„Ќе ги пронајдеме и уништиме СИТЕ бродови што имаат намера да транспортираат дрога во Америка за да ги отрујат нашите граѓани“, напиша и американскиот министер за одбрана.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, започна воена кампања во септември за која вели дека има за цел да го запре протокот на дрога од Латинска Америка во САД. Оттогаш, американските воени сили уништија најмалку 17 бродови во Карипското Море и Тихиот Океан за кои се тврди дека транспортирале дрога.
Вашингтон сè уште не објави јавно докази дека целите навистина шверцувале дрога и претставувале закана. Според АФП, досега во овие напади загинале најмалку 67 лица.



























