Американската влада објави околу 10.000 страници документи поврзани со атентатот на сенаторот Роберт Ф. Кенеди во 1968 година, продолжувајќи со објавувањето на доверливите документи во согласност со наредбата на претседателот Доналд Трамп.
Директорката на Националното разузнавање Тулси Габард рече дека објавувањето на документите поврзани со атентатот на Роберт Кенеди „ќе го впери долгоочекуваното светло на вистината“.
„Речиси 60 години по трагичниот атентат на сенаторот Роберт Кенеди, американскиот народ за прв пат ќе има можност да ја разгледа истрагата на федералната влада благодарение на раководството на претседателот Трамп“, напиша Габард.
Управата за национална архива и документација на САД објави околу 229 датотеки што ги содржат тие страници на својата веб-страница.
Американскиот претседател Доналд Трамп во јануари потпиша извршна наредба за декласификација на преостанатите федерални документи поврзани со атентатите на претседателот Џон Кенеди, сенаторот Роберт Ф. Кенеди и Мартин Лутер Кинг помладиот.
Во средината на март, американската влада почна да ги објавува преостанатите доверливи документи за атентатот на претседателот Џон Ф. Кенеди во 1963 година во Далас.