„Алкалоид“ одликуван со плакета за најдолго котирано акционерско друштво на Македонската берза
„Алкалоид“ АД Скопје од 1996 година е дел од Македонската берза, најпрвин преку Третиот неофицијален пазар, а од ноември 2002 година како котирано друштво на Првиот официјален пазар, на кој се етаблира како една од најликвидните и најтранспарентни компании.
По повод одбележувањето на јубилејот 30 години од почетокот на организираното тргување со хартии од вредност во Македонија, Македонската берза организираше свечен настан на кој присуствуваа претставници на институциите, финансискиот сектор, деловната заедница и долгогодишни партнери.
На јубилејната церемонија им беа врачени пригодни признанија на неколку субјекти поврзани со работењето на Берзата, меѓу кои и „Алкалоид“. Плакетата за најдолго котирано акционерско друштво во име на компанијата ја прими генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Од формирањето на Берзата во 1996 година, со акциите на „Алкалоид“ се тргувало на третиот неофицијален пазар, на кој тие важеле за едни од најликвидните. Котацијата на првиот официјален пазар на Македонската берза била одобрена со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ на 7 октомври 2002 година, а на 13 ноември 2002 година бил потпишан Договорот за котација меѓу тогашниот генерален директор на компанијата, Трајче Мукаетов, и тогашниот директор на Берзата, Евгени Зографски. Веќе следниот ден, на 14 ноември 2002 година, започнало да се тргува со акциите на „Алкалоид“ на официјалниот пазар, со што компанијата станала една од првите котирани компании во земјава.
Со котирањето започнале значајни промени. Наместо тргување врз основа на гласини, инвеститорите почнале да носат одлуки засновани на точни и јавно достапни информации. Компанијата била обврзана редовно да објавува финансиски извештаи, како и информации за своите резултати и деловни активности. По повод котирањето, Трајче Мукаетов изјавил:
„Ние вложивме 37 милиони евра сопствени средства во изградба на фабрики, кои наскоро треба да започнат да ни го враќаат профитот. Одлуката за котација се должи исклучиво на интересите на АД ’Алкалоид’ и ние ниту сме ниту се задоволуваме да бидеме компанија на локално ниво.“
За време на котирањето на Првиот официјален пазар на Берзата, просечната цена на тргување на акциите на „Алкалоид“ изнесувала 1.350 денари, додека, пак, исплатената нето-дивиденда од акција за 2001 година изнесувала 58,43 денари. Во 2025 година просечната цена на акциите достигна 27.468 денари, што претставува зголемување од околу 20-пати во однос на 2001 година. Компанијата наскоро ќе исплати нето-дивиденда од 648 денари од акција за 2025 година.