Европската Унија ѝ даде на Албанија „зелено светло“ за отворање на последното преговарачко поглавје, кое ги вклучува земјоделството и кохезијата, објави премиерот Еди Рама.
Владата ќе ја изготви својата преговарачка позиција и ќе ја достави до данското претседателство со ЕУ.
„Албанија не запира – денеска, на 23 јули 2025 година, по континуираниот и динамичен напредок на Албанија на патот на преговорите за членство со Европската Унија, Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на ЕУ го овласти данското претседателство да ја покани Албанија да ја презентира својата преговарачка позиција за преговорите поврзани со поглавјата што ја сочинуваат Групата поглавје 5 – ресурси, земјоделство и кохезија“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Реагираше и претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали.
„Собранието ќе продолжи максимално да ја поддржува презентацијата на преговарачката позиција и напорите, придонесите и инвестициите за одржлив рурален развој, модернизацијата на земјоделството и за социјалната и територијалната кохезија на Албанија“, напиша Спиропали.
Исто така, додаде таа, парламентот ќе ја интензивира парламентарната дипломатија „за да ја постигнеме нашата национална цел за Албанија во 2030 година во ЕУ“.