Патнички авион на „Спирит ерлајнс“ се приближи премногу до „Ер Форс Уан“, претседателскиот авион што го носеше Доналд Трамп во Лондон во вторникот. Инцидентот се случи над Лонг Ајленд, во пренатрупан воздушен простор на Њујорк.
„Ер Форс Уан“, Боинг 747, и летот 1300 на „Спирит“, Ербас А321 на пат од Форт Лодердејл до Бостон, беа на слични височини и конвергентни траектории. Контролорот на воздушниот сообраќај ја забележа потенцијално опасната ситуација и постојано се обидуваше да ги предупреди пилотите на „Спирит“ да го сменат курсот.
Иако авионите беа оддалечени со километри и не ги надминаа безбедносните прагови, инцидентот привлече внимание бидејќи еден од авионите го носеше американскиот претседател.Аудио снимката од разговорот брзо стана вирална на социјалните медиуми. Контролорот ја повтори наредбата, пишува „Блумберг“.
„Спирит 1300, свртете 20 степени надесно. Сега“, нареди тој.
Кога екипажот конечно реагираше, контролорот иронично додаде:
„Има сообраќај на вашето лево крило, 747. Сигурен сум дека можете да видите кој е тоа… бело-синиот авион“. На крајот, тој имаше уште едно последно предупредување: „Внимавајте! Тргнете се од iPad-от!“
Истиот ден, доцна навечер, Трамп слета во Лондон, каде што ја започна својата државна посета, објавува Dnevnik.hr.