Повеќе од 1.000 луѓе, меѓу кои 745 цивили, загинаа во жестоките судири што избувнаа во изминатите 2 дена меѓу сириските безбедносни сили и борците, лојални на соборениот режим на Башар ал Асад, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR), објави британски Гардијан.
Според податоците на оваа британска организација, 125 припадници на безбедносните сили и 148 борци, верни на Асад, се убиени во конфликтот, но бројот на жртвите би можел да биде и повисок. Најмалку 30 масакри биле извршени врз Алавитите, малцинска верска заедница од која потекнува поранешниот претседател.
Судирите започнаа во четвртокот кога про-Асадовите борци ги нападнаа безбедносните сили во Џаблех, крајбрежен град во провинцијата Латакија. Оваа офанзива претставува најголем предизвик за новата сириска влада, која се формираше пред 3 месеци, откако опозицијата, предводена од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, го собори Асад.
Во обид да го задуши бунтот, сириската влада испрати засилување, при што илјадници борци пристигнаа во регионот. И покрај официјалната контрола на владата, многу милиции останаа недисциплинирани и се обвинети за претходни злосторства.
Сириските власти признаа дека имало масакри, но тврдат дека цивилните жртви се резултат на „индивидуални акции“. Во извештаите се наведува дека големи групи борци пристигнале во крајбрежниот регион, што довело до сериозни кршења на човековите права.
Борци во безбедносни униформи егзекутираат затвореници додека ги понижуваат
Сириската мрежа за човекови права извести дека во градот Ал-Мухтарија биле убиени повеќе од 40 луѓе. Видеа, што кружат на интернет, прикажуваат борци во безбедносни униформи како егзекутираат заробеници од непосредна близина, притоа понижувајќи ги. Автентичноста на снимките не е независно потврдена.
Латакија, традиционално населена со Алавити, стана сцена на масовни одмазднички убиства. Иако многу припадници на оваа заедница не беа директно поврзани со режимот на Асад, последниот бран насилство предизвика страв кај жителите.
Претставникот на ОН за Сирија, Геир Педерсен, повика на заштита на цивилите, додека, пак, Франција го осуди насилството врз невини луѓе „заради нивната религија“.
Француското Министерство за надворешни работи повика на независна истрага за масакрите и на казнување на одговорните.
Во меѓувреме, групите за човекови права предупредуваат дека без транзициска правда и инклузивна влада, Сирија ризикува да западне во нов круг на насилство.
Новата сириска влада во наредните недели треба да го објави својот состав, а меѓународната заедница внимателно ќе следи дали ќе ја одразува верската и етничката разновидност на земјата, особено по овие трагични настани.
Ал Шара повикува на мир и на национално единство
Сирискиот лидер Ахмед ал-Шара повика на мир и на национално единство по повеќедневните судири меѓу безбедносните сили и лојалистите на поранешната влада во кои загинаа повеќе од 1.000 луѓе, повеќето од нив цивили Алеути.
– Мораме да ги зачуваме националното единство и граѓанскиот мир колку што е можно повеќе и, ако даде Бог, ќе можеме да живееме заедно во оваа земја – рече Шара во говор, одржан од џамија во Дамаск.
Ова е прво насилство од ваков размер откако бунтовничката коалиција предводена од исламистичката сунитска група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) ја презеде власта во Сирија на 8 декември.
Судирите избувнаа во четвртокот по неколкудневните тензии во регионот Латакија, упориште на алавитското малцинство, огранок на шиитскиот ислам на кој му припаѓа семејството на Асад.