Акционерите на „Тесла“ со убедливо мнозинство му го одобрија на Илон Маск најголемиот платен пакет во историјата на корпоративна Америка, речиси една милијарда долари (1.000.000.000). Со оваа одлука, 75% од гласовите му дадоа зелено светло на најбогатиот човек на светот, но и јасен услов: ќе ги добие акциите само ако во наредните 10 години ја зголеми пазарната вредност на „Тесла“ до осум ипол милијарди долари, јави Би-Би-Си.
По изгласувањето во Остин, Маск излезе на сцената со широка насмевка и дури заигра под аплаузот на публиката, извикувајќи дека „ова не е само ново поглавје, туку нова книга на иднината на Тесла“.
Меѓутоа, новиот пакет ја подели инвеститорската јавност. Поддржувачите сметаат дека Маск е единствениот што може да ја трансформира компанијата во водечки играч на пазарот на вештачка интелигенција, додека критичарите тврдат дека со ваков бонус тој станува премоќен и над контрола на одборот.
Понатаму, Маск најави дека неговата иднина не е само во електричните возила, туку во роботите Optimus и во роботакси-системите што ќе го направат „Тесла“ симбол на новата индустриска револуција.
– Она што започнуваме денес е нешто поголемо од автомобилите. Тоа е целосна еволуција на човечката технологија – изјави Маск.
Сепак, финансиските аналитичари предупредуваат дека компанијата се соочува со пад на продажбата и зголемена конкуренција од „Вејмо“ и другите стартапи. Американските регулатори сè уште ја истражуваат безбедноста на автопилот системот на „Тесла“, по неколку несреќи со повредени возачи.
Од друга страна, неговите поддржувачи велат дека токму овој ризик е она што го прави Маск „неповторлив“. Технолошкиот аналитичар Ден Ајвс оцени дека „Тесла конечно ја отклучува својата АИ-вредност“, а неговиот колега Рос Гербер додаде дека договорот е „уште една невозможна приказна што станува реалност“.
Во годината кога Маск повторно се поврзува со политички теми и јавни контроверзии, неговиот лик повторно го поларизира пазарот – некои инвеститори ја зголемуваат довербата, а други ја повлекуваат. Но едно е сигурно: ниту еден друг извршен директор во историјата не добил толку голема шанса за награда – ниту толкава одговорност.



























