Истражители од израелската полиција, од единицата за тешки кривични дела Лахав 433, ќе отпатуваат оваа недела во Србија за да го испрашуваат Јисраел Ајнхорн, поранешен висок советник за изборна кампања на премиерот Бенјамин Нетанјаху, објави Тајмс оф Израел.
Ајнхорн ќе биде испрашан во врска со неговата улога во таканаречената афера „Катаргејт“ и случајот со протекување документи, кои со месеци ја потресуваат Канцеларијата на премиерот.
Осомничен за разузнавачко протекување и за „Катаргејт“
Ајнхорн живее во Белград веќе 1 година, каде што работи како советник на српскиот претседател Александар Вучиќ, и не се вратил во Израел откако минатата година беше отворена истрага за протекување разузнавачки информации.
Заедно со блискиот соработник на премиерот, Јонатан Урих, и со поранешниот портпарол Ели Фелдштајн, Ајнхорн е еден од главните осомничени во случајот со разузнавачкото протекување, во кој се работи за кражба на класифицирани документи од израелската армија (ИДФ) и за протекување на еден од тие документи до германскиот весник Билд.
Тројцата се, исто така, осомничени и во тековната истрага „Катаргејт“, каде што Ајнхорн се бара за испрашување во врска со неговата ПР-работа за Катар преку фирмата за односи со јавноста „Персепшн“, која ја водел заедно со Урих.
Според израелските медиуми, двајцата воделе про-катарска медиумска кампања за прикажување на заливската држава во позитивно светло пред Светското првенство во фудбал во 2022 година, што се одржа во Доха – период кој се совпаѓа со почетокот на истрагата.
Испрашување во Србија
Ајнхорн претходно се обидел да постигне договор со Државното обвинителство што ќе му овозможел да се врати во Израел и да сведочи без да биде уапсен, објави јавниот радиодифузен сервис Кан, но разговорите пропаднале.
Потоа, наводно, побарал да биде испрашан во Србија, но тоа првично било одбиено од обвинителството, кое повеќе преферирало да чека да се врати сам во Израел и да биде уапсен, или, пак, да иницира постапка за негова екстрадиција.
Но по, како што изгледа, пресврт во ставот на обвинителството, се очекува дека истражителите сепак ќе го испрашуваат Ајнхорн во Србија.
Исто така, во неделата, Државното обвинителство одлучи да не поднесе жалба на одлуката за олеснување на условите за домашен притвор за Ели Фелдштајн, кој е обвинет во аферата со класифицираните документи, заедно со резервниот офицер на израелската армија, Ари Розенфелд.
Судијата Ала Масарва од Окружниот суд во Тел Авив минатата недела пресуди дека мерките за домашен притвор на Фелдштајн може да се олеснат, но ја одложи нивната примена за да му даде време на обвинителството да се жали до Врховниот суд, доколку сака.
Покрај Фелдштајн и Розенфелд, државната обвинителка Гали Бахарав-Миара минатата недела најави дека ќе бидат поднесени обвиненија – под услов на претходно рочиште – и против Јонатан Урих, за пренос на класифицирани документи со цел нарушување на државната безбедност и уништување на докази.
Адвокатите на Урих ги негираат обвинувањата, а премиерот Нетанјаху ги нарече „неосновани и бесмислени“.
Сѐ уште не се поднесени обвиненија против ниеден од осомничените во истрагата за „Катаргејт“.