Наодите на Граѓанскиот суд со кои се забрани штрајкот во М-НАВ најавен од Струковиот синдикат на контролори на летање се апсолутно вистинити и законски основани. Решението е донесено од искусен судија кој има оставено белег во судот, оцени денеска Горан Николоски, овластен застапник на М-НАВ.
– Судот правилно утврдил дека известувањето за штрајк не содржи барање за заштита на права од работен однос, дека не е спроведена постапка за заштита од работен однос и оти ССКЛ како подружница нема правен легитимитет да организира, реализира и спроведува штрајкови – рече Николоски.
Според него, барањето за забрана на штрајк од страна на М-НАВ се однесува за точно најавен штрајк, со точно определени датуми и планови и програми за делување.
-Станува збор за забрана на штрајк, кој е незаконски, а не е побарана забрана на синдикално делувањето и за сите идни штрајкови – рече Николоски на прес-конференција.
Како што укажа, причините за организирање на штрајкот апсолутно се нејасни за УО на М-НАВ и вработените.
– М НАВ е државна компанија со високо ниво на заштита на работничките права, за услови за работа, плата и останати права кои се обезбедени и заштитени. Доколку станува збор за вистинска заштита на работнички права со која треба да се поправат или унапредат тоа треба да биде организирано на база на синдикално делување каде со мнозинство од членовите на синдикатот треба да се донесе одлука за стапување во штрајк – посочи адвокатот на М-НАВ.
Тој го пренесе и ставот на УО на М-НАВ дека организирањето на штрајкот е лична одмазда од Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.
– Веруваме дека станува збор за негова лична одмазда. И пред најавувањето на штрајкот на прес-конференции сееше страв во јавноста дека ќе ни паѓаат авиони дека Македонија ќе биде центар на авионски несреќи. Со таквите изјави не само што се внесуваше страв меѓу населението, корисниците и пилотите, а се создаваше паника и кај контролорите на летање кои ги користеа системите. Од тогаш досега не се случија никакви несреќи а и нема да се случат затоа што станува збор за професионалци. Причина зошто е ова одмаздничко однесување, би се повикал на еден поранешен премиер, кој рече: Прашајте го Тасевски каде бил вработен неговиот татко, дали во М-НАВ и правните претходници, каде бил вработен неговиот дедо, неговиот брат, и дали кога неговата ќерка и брат не успале да влезат кај него се создава желба за лична одмазда – рече Николоски.
Тој вели дека штрајкот од 2023 е завршен и прекинат со Спогодба.
– Дури и да станува збор за реактивирање, во известувањето мора да ставите што од Спогодбата не е спроведено. Доколку постојат реални причини за штрајк Независниот синдикат за сообраќај и врски во кој како подружница е регистриран ССКЛ има право со конкретни барања за заштита од работен однос да организира штрајк. Такви барања воопшто не се доставени – рече Николоски.
Контролорите на летање минатата недела соопштија дека ќе го стават најавениот штрајк во мирување, ќе ја обжалат пресудата на Судот и ќе поднесат претставка против судијката која го водела предметот.