64-годишен жител на Битола пријавил дека бил измамен за вкупна сума од 22.500 евра, откако во текот на неколку месеци му исплаќал пари на жена која му ветувала разни услуги, меѓу кои и вработување на неговиот син и посредување при купување стан во Скопје.
Според информациите од СВР Битола, измамата се случувала во периодот од септември 2024 до април 2025 година, а пријавената М.Л. (41) од Битола се претставувала дека работи во Министерството за внатрешни работи. Таа го уверила оштетениот дека има врски и можности да помогне со вработување, недвижнини и правни услуги, по што тој ѝ исплатил вкупно 27.000 евра.
Во повеќе наврати, парите биле исплаќани за разни наводни „услуги“, меѓу кои и трошоци за адвокати и нотари, но откако ниту една од обврските не била исполнета, 64-годишникот почнал да ги бара назад своите пари.
Од вкупната сума, пријавената му вратила само 4.500 евра, а тој останал оштетен за 22.500 евра.
Полицијата потврдува дека работи на расчистување на случајот.
„Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот и за утврдување на кривичната одговорност“, информираат од СВР Битола.