44-годишната охриѓанка М.М. била пијана и предизвикала несекојдневен инцидент откако паднала со мопедот на улицата Гоце Делчев во Охрид, а потоа физички и вербално ги нападнала полицајците кои пристигнале да ѝ помогнат.
Како што информираат од СВР Охрид, инцидентот се случил околу 01:45 часот, кога полициските службеници биле повикани по пријава за паднат мопедист. На местото на настанот, откриле дека жената управувала мопед, изгубила контрола и паднала, при што се здобила со телесни повреди.
Наместо да прифати помош, таа почнала да се однесува агресивно кон полицајците. Била дрска, ги навредувала и се обидела физички да се пресмета со нив, поради што веднаш била лишена од слобода.
– По извршен алкотест било утврдено дека лицето имало 2,23 промили алкохол во крвта. Со неа била постапено согласно законските овластувања, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава – изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Од полицијата дополнуваат дека се преземаат и други мерки за расчистување на случајот, а жената ќе одговара и за возење под дејство на алкохол.