More

    Што ако ВМРО-ДПМНЕ го поништи Договорот со Бугарија кога ќе дојде на власт?

    spot_img

    Може ли опозициската ВМРО-ДПМНЕ да го поништи Договорот со Бугарија кога ќе дојде на власт и со какви последици ќе се соочи земјава ако се исполнат ветувањата што сега, од позиција на прв опозиционер, ги дели Христијан Мицкоски во јавноста?

    Уставните експерти со коишто разговараше Плусинфо тврдат дека секоја нова власт може да го менува или да го поништува секој договор што го потпишала претходната власт. Процедурата, велат тие, е едноставна: Владата најпрво предлага поништување, а потоа ја извршува „егзекуцијата“.

    Што се однесува на последиците од евентуалното укинување на билатералниот договор, дипломатите имаат поделени мислења. Едни сметаат дека поништувањето на Договорот со Бугарија значително ќе ги влоши и така лошите односи со нашиот источен сосед, дека таквиот потег ќе нѐ „паркира“ на слеп колосек и дека ќе нѐ натера засекогаш да се збогуваме од членството во Европската Унија. Други, пак, велат дека укинувањето на билатералниот договор само ќе ги натера двете соседни земји да се охрабрат и да склучат нов договор кој ќе биде рамноправен за двете страни подеднакво.

    Инаку, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа отворено кажа дека кога ќе дојде на власт планира да иницира репреговори со Бугарија, а ако не наиде на расположени соговорници од бугарска страна, тогаш дефинитивно ќе го поништи Договорот за добрососедство.

    Влада потпишува, Влада поништува

    Универзитетската професорка по уставно право и актуелна пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, во разговор за Плусинфо вели дека буквално секој постигнат договор помеѓу две држави може во секое време да биде поништен.

    Силјановска-Давкова: Буквално секој договор можеме да го поништиме, па дури и Преспанскиот договор. Можноста за изменувањето и можноста за поништување на договорот е составен дел од самиот договор

    – Во член 13, став 2 од Договорот за пријателство и добрососедство јасно е прецизирано дека секоја страна може да побара измена на Договорот, додека, пак, во став 3 од истиот член 13 се вели дека секоја страна може да го раскине Договорот. Јас не знам од каде се појави таа теза дека билатерални договори не можат или не смеат да се поништуваат. Буквално секој договор можеме да го поништиме, па дури и Преспанскиот договор. Можноста за изменувањето и можноста за поништување на договорот е составен дел од самиот договор – вели Силјановска-Давкова.

    Таа појаснува дека штом Владата го склучила Договорот за пријателство со Бугарија, тогаш само Владата може да го поништи.

    – Владата го склучи Договорот за пријателство, Владата може да предложи измена и Владата може да го раскине договорот. Токму затоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека кога ќе дојде на власт ќе го измени или ќе го поништи Договорот со Бугарија. Тој затоа спомна дека поништувањето ќе го изврши со 61 пратеник во Собранието, мислејќи на тоа дека во тој случај би ја презел власта во свои раце и би го имал мнозинството во Парламентот. Јас ова ви го зборувам од технички аспект, а од политички не би можела да говорам, оти тоа е партиска работа – изјави Силјановска-Давкова.

    Член 13, став 2 од Договорот за добрососедство со Бугарија:

    Овој Договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете Договорни страни.
    Измените се договараат по дипломатски пат.

    Член 13, став 3 од Договорот за добрососедство со Бугарија:

    Секоја Договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање писмено
    известување до другата Договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по
    датумот на приемот на ваквото известување.

    Еден се укинува, друг се склучува

    Нема никаков сомнеж дека единствен излез за Македонија од ќорсокакот во кој е доведена од страна на Бугарија е само откажување на Договорот за (не)пријателство со нашиот источен сосед, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

    – Секој ќе праша: а што потоа? Одговорот е едноставен. Во сегашните услови, не треба да постои никаква дилема дека Бугарија нема никогаш да ја пушти Македонија да стане членка на Европската Унија, освен ако не прифатиме дека имаме бугарски корени и дека зборуваме на бугарски дијалект. Секому треба да му биде кристално јасно дека политиките коишто ги води Бугарија се трајни и најверојатно нема да се менуваат. На крајот од денот, ако Македонија утре ги заврши преговорите со ЕУ, а тие ќе траат најмалку 20 години, тогаш сите земји-членки на Унијата ќе треба да го ратификуваат договорот кој ќе биде потпишан со Брисел. И тогаш Бугарија ќе ни постави сопка, бидејќи со сигурност нема да го ратификува договорот ако во игра остане македонскиот јазик и македонската нација. Тие јавно кажуваат дека македонизмот не може никогаш да влезе во ЕУ – објаснува Никовски.

    Ако еден договор биде поништен, тогаш не гледам причина зошто да не се склучи нов. Но, новиот договор треба и мора да биде рамноправен.

    Ристо НиковскиПоранешен амбасадор

    Меѓутоа, додава тој, што ако уште сега го поништиме Договорот со источниот сосед?

    – Ништо посебно. Ако еден договор биде поништен, тогаш не гледам причина зошто да не се склучи нов. Но, новиот договор треба и мора да биде рамноправен. Тешко ќе биде да се постигне такво нешто, особено ако знаеме дека треба да преговараме со Бугари, меѓутоа, не треба да заборавиме дека сите аргументи се на наша страна и дека со една силна и вистинска дипломатска офанзива сите ќе застанат на наша страна. Сега никој не нѐ поддржува оти Македонија апсолутно не ги артикулираше своите интереси, ги голташе сите бугарски кнедли и се правеше дека е отсутна. Значи, ако Македонија застане на браникот на своите интереси, никој нема да може да го оспори нејзиното право да се бори за своето малцинство во Бугарија и да потпише договор само на реципрочна основа дека ние ќе ги внесеме Бугарите во Уставот, а тие ќе ги внесат Македонците во Уставот. Значи, нема ништо да загубиме ако го поништиме Договорот со Бугарија, туку напротив, ќе ни се отвори перспективата за членство во Унијата – вели Никовски.

    Опасна игра

    Првиот министер за надворешни работи Денко Малески за Плусинфо смета дека идејата на лидерот на опозицијата за поништување на Договорот за добрососедство е прилично опасна.

    Државите се вреднуваат според тоа колку ги почитуваат договорите коишто ги потпишале во минатото. Секоја наредна влада ја обврзува договорот потпишан во име на државата на претходната влада.

    Денко МалескиПрв министер за надворешни работи

    – Еден од условите за почеток на преговорите со ЕУ е да ги внесеме Бугарите во Уставот, а тогаш најексплицитно ни беше речено дека преговорите автоматски запираат ако не го исполниме тој услов. Е сега, можеме само да си замислиме што би се случило кога би го поништиле Договорот за пријателство со Бугарија и не треба многу фантазија за да разбереме дека испаѓаме од колосекот на којшто сме поставени и се паркираме на слеп колосек. Ако го поништиме Договорот со Бугарија, тогаш дефинитивно ќе следува дополнително влошување на нашите односи со источниот сосед, разгорување на „војната“ помеѓу „културните клубови“ од едната и од другата страна. Државите се вреднуваат според тоа колку ги почитуваат договорите коишто ги потпишале во минатото. Секоја наредна влада ја обврзува договорот потпишан во име на државата на претходната влада – изјави Малески.

    Како политичка партија, потсетува тој, ВМРО-ДПМНЕ има една традиција на погрешно проценување на меѓународните односи.

    – Самиот крај на претходна власт на ВМРО-ДПМНЕ го докажува токму тоа, а и целиот меѓународен фактор го сврте против себе. Реакцијата на меѓународниот фактор е многу важна за нас. Па, ако ова раководство на партијата предводено од Христијан Мицкоски навистина го поништи Договорот со Бугарија, тогаш реакцијата на меѓународниот фактор ќе биде прилично остра и жестока. Ова е посебен момент во историјата на Европа, бидејќи на овој континент се води жестока војна. А ние, во Парламентот, стиснати помеѓу Водно и Гази Баба, треба да престанеме да мислиме дека светот се врти околу нас. Мора да бидеме многу внимателни. Идејата на лидерот на опозицијата за поништување на договорот е прилично лоша и опасна – вели Малески.

    Играта на антибугарски чувства во македонската политика е исплатлива и се исплати во гласови, додава Малески.

    – Опозицијата во земјава почнува да игра една многу опасна игра која ја влече државата кон друг правец, а не во правецот на помирување и решавање на билатералните проблеми. Железното правило и понатаму опстојува: одлуките во ЕУ се носат со консензус и Бугарија го има правото на вето. Партиите сега се обидуваат да ќарат гласови преку антибугарското чувство во Македонија, но треба да знаат дека тоа е замка од којашто тешко се излегува – објасни Малески.

    Димитров: Вето ќе имаше и да не го потпишевме Договорот со Бугарија

    Поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, смета дека доколку не го потпишевме Договорот за добрососедство со Бугарија, источниот сосед повторно ќе ни ставеше вето на нашиот евроинтеграциски пат.

    – Сигурно и уште поголеми шанси ќе беа за таква работа бидејќи без договорот ќе беше многу полесно и да се брани такво вето. Големата разлика меѓу Договорот со Бугарија и Договорот со  Грција е тоа што Преспанскиот договор го реши прашањето. Грција го прифати нашето право на самоопредувалње и се потпиша под македонски јазик. Само така беше можно да додадеме Cеверна кон нашата Македонија за да има дистинкција меѓу нашата Македонија и нивната Македонија. Со сегашната ситуација, спорот стои и ќе стои сѐ додека Бугарија го негира македонскиот идентитет и јазик – рече Димитров.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img