More

    Ова се најчестите симптоми по прележување на коронавирусот

    spot_img

    Иако трендот на заразени лица со ковид-19 е во надолна линија, речиси во сите клиники е зголемен бројот на лица кај кои откако го прележале коронавирусот се влошила хроничната болест или пак за првпат после ковидот се појавила некоја акутна болест.

    Ова на денешниот брифинг со новинарите го споделија проф. д-р Александар Петличковски, спецеијалист по клиничка генетика и претседател на Комисијата за заразни болести, проф. д-р Гордана Китева – Тренчевска, специјалист невролог и научен соработник д-р Валентина Андова, специјалист кардиолог.

    Д-р Петличковски рече дека во моментов состојбата со ковид-19 е добра и болниците немаат притисок како претходно, а сѐ повеќе фокусот се поместува на последиците по прележување на болеста.

    – Некои од симптомите може да траат и со месеци, но и со години, по прележување на коронавирусот. Главните ризик фактори за долготраен ковид се потешко помината болест, понапредната возраст, тоа значи дека повозрасните почесто имаат долг ковид, женски пол и невакцинираност – рече Петличковски.

    Тој го потенцираше значењето на вакцинацијата против ковид-19 и нејзиното влијание во намалувањето на ваквите симптоми. Од сите сериозни студии произлегува дека оние кои се вакцинирале поретко имале долг ковид и симптоми кои им го отежнуваат секојдневниот живот откако ќе го прележат вирусот.

    Д-р Валентина Андова од Клиниката за кардиологија информира дека работата кај нив е значително зголемена со пациенти кои имаат прележано ковид-19 и дека дневно во просек се вршат по 400 прегледи, додека на дијагностичките методи се прават и до 150 прегледи дневно. Старосната граница, како што посочи, станува сѐ пониска и периодов доаѓаат и пациенти од 25 до 30 години, со сериозни кардиоваскуларни заболувања.

    – Бројот на пациенти е значително зголемен пред ковид-пандемијата. Најчесто пациентите доаѓаат поради симптоми на замор, малаксаност, градна болка, отежнато дишење или пак срцебиење, а како пост-ковид синдроми најчесто се јавуваат дилатативна кардиомиопатија, лева и десна срцева слабост, аритмија, венски тромбоемболизам и воспалителни промени на срцето што се многу почести во однос на пред пандемијата – рече кардиологот д-р Андонова.

    Таа додава дека тие прават скрининзи на пациентите, откриваат дали се последици од ковид, правејќи лабораторија, клиничка процена, најчесто се употребува ЕХО на срце. Исто така, постојат лекови за овие пациенти, па со добро земена терапија и навремено откривање пациентите можат слободно да продолжат со нормалниот живот.

    – Ковидот и пост-ковидот се ризични, но исто така ризик се и нездравите навики на живеење. Тоа значи дека нивните навики на пушачи, дебелина, неправилен начин на живот, без физичка активност се голем ризик фактор за кардиоваскуларни заболувања на коишто нормално ние можеме да делуваме – истакна д-р Андонова.

    Главоболка, вртоглавица, епилептични напади, промени во функционирање на централниот нервен систем, деменција, проблеми со периферниот нервен систем се најчестите пост-ковид симптоми кои ги пријавуваат пациентите на Клиниката за неврологија, информира д-р Китева-Тренчевска.

    – Овие пост-ковид заболувања ќе ги имаме зачестено бидејќи ковид-19 покажа дека ја менува хомеостазата, менувајќи ја циркулацијата, правејќи состојба на зголемена тромбоза, зголемување на мозочни удари, менувајќи го имунолошкиот одговор кога тој наместо да се сврти против вирусот се врти против сопствените структури во нервниот систем. Потребно е симптомите да се следат уште на почетокот за да може да се реагира на време, со цел последиците да бидат што помали од овие сериозни невролошки болести – рече д-р Китева-Тренчевска.

    Д-р Петличковски вели дека Комисијата за заразни болести ја следи состојбата со зачестените респираторни болести и вели дека тоа е очекувано по олеснувањето на рестриктивните мерки.

    – Апсолутно е причина за ново сретнување со малку подзаборавени вируси и од тоа што го гледаме, тоа е очекувано. Во моментов навистина се исполнети педијатриските капацитети со пациенти со потешка клиничка слика. Не е загрижувачки, туку нормален тек по олабавување на мерките по ковид-пандемијата – додаде тој.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img