More

    За разлика од Србија, Македонија не реагира на транзитната такса за гасот што ја наметна Бугарија

    spot_img

    Граѓаните кои се топлат на парно и компаниите кои дистрибуираат гас до нив очекуваат октомвриските сметки да бидат повисоки за зголемената такса за транзит на гас од страна на Бугарија која е во примена од 13 овој месец. Тие сметаат дека 10 евра по мегаватчас гас е висока такса и тоа ќе се одрази врз нивните буџети.

    Енергетски експерти коментираат дека не треба да изостане реакција од Владата бидејќи новите цени на гасот ќе бидат дестимулативни за компаниите и за граѓаните, што, пак, ќе влијае и на најавената гасификација на земјата. Тие сметаат дека најзасегнати со зголемената цена ќе бидат топланите и компанијата „Те-То“, како и компаниите кои го користат гасот во процесот на производство.

    Граѓаните кои се греат на парно очекуваат и оваа такса да влезе во крајната цената парното која за годинава сè уште не е утврдена.

    – 10 евра за киловатчас е висока такса. Ако се знае дека нашите топлани го користат гасот, секако дека тоа ќе значи и повисока цена за нас потрошувачите. Регулаторната комисија со месеци одлага да ја утврди новата цена за да не биде висока, но сега ќе треба да ја има предвид и оваа такса – вели Нино С. од Скопје.

    Од „Макпетрол“ кој е еден од поголемите снабдувачи со гас во земјава велат дека уште не добиле информација за зголемувањето на транзитната такса од страна на Бугарија.

    „До денес од нашиот испорачател немаме добиено никакво известување кое што се однесува на новата такса. По добивање на информација од нивна страна ќе можеме да дадеме одговор на поставените прашања“, ни одговорија од компанијата од која баравме одговори за висината на цената и како тоа ќе се одрази врз корисниците на гас кои ги снабдува.

    Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“ кој по професија е енергетичар вели дека цехот од воведувањето на транзитната такса на природниот гас од страна на Бугарија ќе го платат потрошувачите.

    – Со ова се засегнати граѓаните и компаниите кои користат гас во производството. Треба да се очекува повисока цена на парното, но и на струјата кој ја произведува „Те-То“ кој користи руски гас во процесот на производство на струја. Пресметките се јасни „Те-То“ ќе треба да плаќа 2.300 евра по час за гасот, а тоа ќе значи и повисока цена на струјата која ја произведува и ја пласира во земјава и секако повисока цена на топлинската енергија која ја дистрибуира во скопското парно. Дополнително и топланите работат на природен гас па и таа топлина ќе биде поскапа за износот на бугарската такса. Сето тоа значи повисока цена на парното или ако се сака тоа да се анулира ќе треба топланите да се вратат на мазут, ако неговата цена е пониска од онаа на гасот – вели Ненов.

    Тој се надева дека нашата дипломатија ќе реагира.

    – Бидејќи при воведувањето санкции кон Русија ние не го споменавме гасот што го увезуваме од оваа земја, а Бугарија сега воведува такса токму на овој гас, редно е да се разбуди нашата дипломатија и да реагира. Засегнати се голем број компании и граѓани – вели Ненов.

    И професорот Константин Димитров смета дека новата такса ќе се одрази на цената која ќе ја плаќа крајниот потрошувач и ја смета за голема уцена на бугарската политика врз земјава.

    – Секако дека ќе се одрази врз цената. Тоа значи дека цената на гасот веќе е зголемена за 20%. Тоа ќе го поскапи и парното и ќе биде голем притисок врз граѓаните кои и така веќе се незадоволни од состојбите во земјава и сѐ повеќе излегуваат на улица што секако оди во прилог на бугарската политика. Ова може да се рече дека е непристојно однесување на бугарската политика кон земјава и голема уцена – вели Димитров.

    Според него, она што е проблематично и непознато е тоа што Бугарија не кажува за кој гас конкретно ќе се плаќа ова транзитна такса.

    Прашање е дали оваа такса ќе се плаќа за транзит на секој гас низ Бугарија или само на рускиот гас. Ако е само за рускиот гас на кој ние сме приклучени тоа е директна уцена за земјава. Но во тој случај нашите дистрибутери ќе треба да набавуваат гас од други извори. Ако, пак, се однесува на секој гас што транзитира низ Бугарија тоа ќе значи сигурно зголемување на цената на гасот за 20% – вели Димитров.

    Србија и Унгарија веќе реагираа дека оваа такса ќе ја зголеми цената на гасот кој се увезува преку гасоводот „Балкански тек“, но нема реакција и од нашата влада иако транзитот на природен гас во земјава се врши преку гасоводите кои минуваат низ Бугарија, а земјава остана само со еден прилчучол до тие гасоводи.

    Професорот Ристо Цицонков вели дека зголемената транзитна такса ќе ја зголеми цената на гасот со што се зголемуваат трошоците во работењето на компаниите главно топланите и „Те-То“, но не очекува пред избори владата да дозволи граѓаните да плаќаат повисока цена на парното бидејќи ќе се одлучи да субвенционира повисок дел од цената.

    – Колку што сум јас информиран, досега рускиот гас беше најевтин, и веројатно нашите фирми-снабдувачи го користат овој гас иако можат да купат гас од други земји (Азербејџан и др.). Зголемувањето на цената на гасот ќе ги зголеми производните трошоци и во топланите (ЕСМ) и во „Те-То“. Цената на греењето преку топлификацискиот систем (парно) ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Цената и досега беше субвенционирана од државата. Сега со зголемување на набавната цена на гасот, цената на парното треба да се покачи, тоа е според економска логика. Дали тоа ќе се случи, зависи од одлука на државата колку ќе субвенционира. Тоа ќе биде политичка одлука бидејќи наскоро ќе имаме избори, а и народот осиромашува последнава година. Очекувам цената на парното да остане иста или со минимално покачување – вели Цицонков.

    Тој додава дека освен парното во Скопје корисници на природен гас се голем број компании кои ќе треба евентуалното зголемување на цената на гасот поради транзитната такса да го пресметаат во своите повисоки трошоци и во цените на производите.

    Со можна повисока цена на гасот се соочуваат и 30 правни субјекти и 140 домаќинства на Куманово кои користат природен гас.

    Првиот човек на „Куманово гас“ Марко Митровски вели дека не добиле информација од добавувачот за евентуално зголемување на цената на гасот, но очекува транзитната такса востановена во Бугарија да биде дел од фактурата која ќе ја добие на крајот од месецот.

    – Ние на почеток на секој месец добиваме најавна цена, а на крајот на месецот ја добиваме цената за секој месец. Досега разликата на најавната и крајната цена била до 1 денар, но сега не знаеме дали ќе влезе и транзитната такса во цената. Досега немаме информација за такво нешто, но на крајот на месецот сигурно ќе знаеме дали цената ќе биде повисока од вообичаеното – вели Митровски.

    Тој објаснува дека претпријатието не им наплаќа на корисниците повеќе од утврдената цена и дозволената маржа која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика.

    Струмичките компании и граѓани кои користат гас за загревање ќе се спасат од бугарската транзитна такса бидејќи добавувачот на компримиран гас на „Струмица гас“ набавките на гас ги врши од различни извори и по пониски цени.

    – Ние се договараме со добавувачи кои имаат пониски цени и можност да го набавуваат гасот од повеќе извори. Цената на гасот ја добиваме пред почетокот на месецот и нема услови за нејзина промена до крајот на месецот. Добавувачот за октомври е фирма која се снабдува со компримиран гас од Бугарија. Сепак, за наредните месеци, не можеме да гарантираме дека нема да има промени во цената на гасот, бидејќи оваа транзитна такса е многу висока и секако ќе влијае на понудената цена на гасот и за нашите клиенти – вели директорот на „Струмица гас“ Благој Милановиќ.

    Природниот гас сѐ повеќе го зголемува својот удел во енергетскиот биланс на земјава. Годишната потрошувачка е околу повеќе од 400 милиони Nm 3. Најголемиот дел се користи за производство на електрична и на топлинска енергија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img