More

    Компаниите и јавниот сектор до крајот на месецов имаат обврска да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени

    spot_img

    Компаниите и јавниот сектор до крајот на месецов имаат обврска да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени. Нема официјални бројки за тоа колку од фирмите не ја исполниле оваа обврска, но познато е дека до крајот на октомври работниците поднеле 2.408 поплаки за неисплатен К-15 до Сојузот на синдикатите на Македонија. Годинава и вработените во јавниот сектор треба да добијат К-15 во износ од 10.000 денари.

    Од синдикатот велат дека ќе почекаат да заврши законскиот рок и потоа ќе следат пријави.

    Според податоци на синдикатите најголем дел од компаниите го исплаќаат законски најнискиот износ од 40% од просечната плата, но има и компании кои исплаќаат и повисоки износи, а има и такви кои поради финансиски проблеми исплаќаат пониски износи или воопшто не исплаќаат К-15.

    Практика на големите компании од индустријата, рударството и енергетиката е секоја година регресот за годишен одмор на вработените да го исплаќаат до средината на годината.

    – Во компаниите каде што имаме наше членство, а тоа се големите компании од индустријата, рударството и енергетиката, уште во првите месеци од годината се исплаќа регресот за годишен одмор според договорениот износ во колективните договори. Годинава и „Еуроникел“, поранешно Фени, и покрај проблемите, исплати К-15, навистина на две рати, но го исплати – вели Игор Герасов од Синдикатот на индустрија енергетика и рударство (СИЕР).

    И во градежништвото, онаму каде што работниците синдикално се организирани, е исплатен регресот.

    – Во градежништвото и во индустријата за градежни материјали, каде што 90% од компаниите се во приватниот сектор, веќе е исплатен регресот за годишен одмор. Исплатени се износите коишто се договорени во колективните договори. Дури и јавните претпријатија кои спаѓаат во нашата дејност го исплатија договорениот износ од 10.000 денари за јавниот сектор – вели Иван Пешевски, претседател на Синдикатот на градежништво.

    К-15 веќе легнал на сметките и во 11 големи компании во текстилната индустрија.

    – Во овој сектор е исплатен К-15 во 80 до 90% од компаниите. Досега само 2 до 3 компании побараа од нас намалување на износот на регресот поради финансиски проблеми, но во преговорите најавија дека, ако се во можност, до крајот на годината ќе го исплатат целиот износ на регресот – вели претседателот на Синдикатот за текстил Љупчо Радевски.

    Тој не може да каже во колку од малите текстилни компании, во кои синдикатото нема членство, не е исплатен К-15, но очекува поплаки од нив во текот на јануари.

    – Тешко ќе можеме да ги застапуваме овие работници, но тие ќе треба да ги бараат своите права пред инспекциските служби. Според законот им следува казна затвор на оние работодавачи кои исплатиле К-15, а потоа побарале работниците да им ги вратат парите – потсетува Радевски.

    Во изминатите години токму во овој сектор вработените во помалите компании се жалеа дека не им се исплаќа регрес за годишен одмор или им се исплаќа, а потоа се бара од нив да го вратат целиот износ.

    Годинава, според потпишаниот договор на синдикатите и владата, и во јавниот сектор треба да биде исплатен К-15 во износ од 10.000 денари. Дел од институциите веќе го исплатиле, а дел од нив треба тоа да го сторат до крајот на годината.

    – Согласно Општиот колективен договор, 138 илјади работници од јавниот сектор годинава ќе добијат К-15 по 10.000 денари линеарно. В година регресот за годишен одмор ќе изнесува 30 отсто од просечната плата која е исплатена во 2023 година. Инаку К-15 годинава ќе добијат сите јавни институции, организации, установи, јавни претпријатија, а како најбројни полиција, здравство, образование, судство, култура. ССМ ја следи исплатата на К-15 и ако забележиме неправилности ќе пријавиме во Државен инспекторат за труд – вели Пешевски кој е потпретседател на Советот на ССМ за приватен сектор.

    Засега нема поплаки во Синдикатот за образование каде што се очекува до крајот на годината општините да го исплатат договорениот износ од 10.000 денари за регрес за годишен одмор.

    – Градинките веќе го исплатија регресот, но во училиштата, зависно во која општина се наоѓаат, не е целосно исплатен износот. Информирани сме дека општините ги имаат примено парите од блок-дотациите и очекуваме сите да ја извршат исплатата. Дел од општините кои имаат проблеми направија ребаланси на буџетите и очекувам во законскиот рок сите основни и средни училишта да исплатат регрес за годишен одмор – вели претседателот на СОНК Јаким Неделков.

    Неодамна и министерството за образование апелираше да се исплати регрес за годишен одмор на вработените во основно и средно образование со потсетување дека се префрлени парите во општините.

    – Сите локални самоуправи да ги почитуваат правните прописи и да ја реализираат исплатата на регресот за годишен одмор за 2023 година, согласно член 21 од Општиот колективен договор за јавниот сектор (Сл. весник бр. 154 од 20.07.2023 година), во кој е утврдено дека работникот има право на надомест за регрес за годишен одмор во еднократен износ кај еден работодавач, во текот на годината, без оглед во колку училишта има засновано работен однос – велат од МОН.

    Од следната година висината на К-15 во јавниот сектор ќе биде 30 отсто од просечната плата од претходната година.

    Минималниот износ за К-15 изнесува 40% од просечната плата во последното тримесечје, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај тој работодавач. За декември износот на К-15 е околу 14.600 денари. Максимален износ кој може да се исплати е 100 отсто од просечната плата.

    Казните се ригорозни. За неисплата на К-15 предвидена е глоба до 4.000 евра, а за работодавачите кои бараат да им се вратат исплатените пари, предвидена е и затворска казна од три месеци до една година.

    Според податоците од Државниот завод за статистика, од околу 70.000 активни претпријатија, 42.720 лани исплатиле регрес за годишен одмор. Највисоки суми за К-15 се исплатени во трговијата на големо со фармацевтски производи, сметководствени, книговодствени и ревизорски работи, даночно советување и други дејности.

    Од Управата за јавни приходи соопштија дека вкупно 353.201 работници имале К-15 повисок од 10.000 денари, 13.254 работници помеѓу 9.000 и 10.000 денари, а 33.474 работници добиле помалку од 9.000 денари по основ на К-15 во 2022 година.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img